Се планира изградба на пруга до скопскиот аеродром

Инвестиции во транспортната инфраструктура од 4,2 милјарди евра до 2030 година, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Со Транспортната стратегија која предвидува 104 проекти предвидено е да се градат нови автопатишта, експресни патишта, пруги, модернизација на инфраструктурата, гранични премини и воздухопловна стратегија. Новина е изградба на пруга од скопската железничка станица до Аеродромот Скопје.

Од Министерството велат дека изградбата на овој крак од пругата кај Миладиновци, зависи од бројот на патници на аеродромот. Колку ќе чини овој проект и кога евентуално ќе почне да се гради се уште нема рок.

Исплатливоста на пуштањето на пругата од Скопската железничка станица до Аеродромот беше бројот на патници со авион. Авионскиот превоз максимум беше да привлече до 2 милиони патника. Е сега кога ќе се достигне таа бројка, веќе во тој момент, тогаш кога се правеа анализите се покажуваше дека е исплатливо, рече Билјана Здравева, раководител на секторот железници.

Инаку, во 2018 година бројот на патници во авиосообраќајот достигна и над 2 милиони. Во делот на железницата исто така планирано е довршување на пругата до бугарска граница и изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце.

Кај патната инфрструктура приоритетни  проекти кои ќе се реализираат во наредните 12 години се довршувањето на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија.

Крајната цел на Националната стратегија за транспорт е да се развие хармонизиран транспортен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, а кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Најголем дел од проектите, вели министерот Сугарески, во патниот сообраќај да бидат завршени до 2020-2021 година, а во делот на железницата планирано е до 2025 година. Реализацијата на ови проекти ќе се финансира делумно со кредити, деумно со средства од ИПА фондовите, но и од домашниот буџет.