Се преуредуваат логистичките трговски капацитети во светот

Германскиот „Hapag-Lloyd“ и данскиот „Maersk“ во средата објавија формирање нов логистички сојуз кој започнува во 2025 година, што сигнализира преуредување на капацитетите во периодот по пандемијата.

Алијансата „Gemini Cooperation“ ќе вклучува 290 бродови со вкупен капацитет од 3,4 милиони контејнери (TEU), при што „Maersk“ ќе обезбеди 60 отсто, а „Hapag-Lloyd“ остатокот.

Според договорот, „Hapag-Lloyd“ ќе ја напушти бродската алијанса „THE Alliance“ на крајот на јануари 2025 година, која вклучува три споени јапонски линии наречени „Ocean Network Express“ (ONE), тајванската „YangMing“ и јужнокорејската HHM, порано „Hyundai Merchant Marine“.

Од друга страна, „Maersk“ ќе го прекине сојузот 2M со швајцарската компанија за транспорт на контејнери MSC, како што најави пред една година.

Двата сојузи им помогнаа на бродските компании да го приспособат капацитетот во последниве години на променливите модели на побарувачка на рутата Азија-Европа, како и на Атлантикот и Пацификот.

Во меѓувреме, компаниите ги сменија стратегиите за да обезбедат пазарен удел во променетите услови на постпандемискиот свет каде што приходите од товарот паѓаат во голема мера поради слабиот економски раст. Вториот и петтиот најголем оператор на контејнерски бродови ќе ја спроведат транзицијата до крајот на годината, а корисниците ќе продолжат да добиваат услуги според постоечките договори, се вели во заедничката изјава.

Соработката ќе ги опфати трговските патишта Азија/Западниот брег на САД, Азија/Источниот брег на САД, Азија/Блискиот Исток, Азија/Медитеранот, Азија/Северна Европа, Блискиот Исток-Индија/Европа и Трансатлантскиот.