Општина Кочани почнува нова постапка за донесување урбанистички план вон населено место, за локацијата Грамади во атарот на селото Тркање, каде што е предвидено да се постават фотоволтаични централи за електрична енергија.
Според предлог планот, на продажба ќе се понудат над 28 хектари неземјоделско земјиште, со што се проширува локацијата на која ќе можат да се инсталираат соларни фотоволтаични панели со вкупна моќност од осум мегавати.
– Преземените активности претставуваат продолжување на проектот за производство на електрична енергија од обновливи извори што беше почнат пред околу две години, а со кој кочанската локална самоуправа реализираше продажба на осум градежни парцели во државна сопственост за оваа намена. Земјиштето на кое во иднина треба да се постават фотоволтаичните централи се наоѓа во месноста Страна, во атарот на Тркање, истакна, Дејан Рашков, секретар на Општина Кочани.
Со претходниот проект Општина Кочани продаде над 18 хектари за истата намена и инкасираше околу 30 милиони денари, при што презеде обврска, како сопствена инвестиција, да обезбеди пристапен земјен пат до парцелите.
Во рамки на дополнувањето на урбанистичкиот план, од средината на август ќе почне едномесечна јавна анкета, на која месното население и другите засегнати страни ќе можат преку писмени дописи да ги достават своите мислења и евентуални забелешки. Локалната самоуправа ќе организира и јавна презентација за предлог планот, што ќе се одржи на 22 август во салата на Советот на Општина Кочани.