-На иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на денешната седница Владата ја усвои информацијата во врска со статусот на договорите за концесија на малите хидроелектрани лоцирани во зоните на строга заштита и активно управување на Национален парк Шар Планина. За нив се водеше постапка за спогодбено раскинување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Нема да се реализираат договорите: МХЕ Љуботенска бр.66, МХЕ Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, МХЕЦ Лешочка 100 и Лешочка 101.
Имено, минататa година, Министерството за животна средина и просторно планирање иницираше формирање на Комисија во која членуваа и претставници на Министерството за финансии и за економија, која ја разгледа документацијата за спогодбено раскинување на Договорите за концесиите и потребата за обештетување на договорните страни.
До Министерот за животна средина беше доставен Записник со детален преглед на сите реализирани трошоци од Концесионерите врз оснава на што е изработен предлогот за спогодбено раскинување на договорите.
Со него е предвидено да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите и уплатените трошоци на име на Концесијата.
Покрај наведените, со посебна информација доставен и предлог за спогодбено раскинување на Договорот за концесија за МХЕЦ Шеличе со реф.бр. 91, лоцирана на подрачјето на НП Шар Планина, во зоната на одржливо користење, при што е постигната согласност на Концесионерот да му се врати уплатениот концесиски надоместок.