Се шири организираниот криминал во Европа, предупреди Европол

Организираниот криминал се шири во Европа, а се регистрира и теденција на зголемување на насилството, што е проблем во голем број земји, вклучително и Германија, предупреди извршната директорка на Европската агенција за полициска соработка (Европол), Кетрин де Бол, цитирана од ДПА.

„Организираниот криминал расте. Ја користи секоја слабост“, резимира Де Бол во интервју за магазинот „Шпигел“.

Таа даде конкретен пример за германското издание за зголемувањето на трговијата со дрога, што пак го поттикнува насилството. „Производството на кокаин во Јужна и Централна Америка е во подем, а Европа е преплавена со дрога“, посочи Де Бол.

Шефот на Европол истакна дека расте и трговијата со други видови наркотици. „Ситуацијата е драматична“, предупреди таа.

Според податоците на Европол, во целата ЕУ активни се 821 поголема криминална мрежа со вкупно над 25 илјади членови. Нивната главна работа е трговија со дрога, заклучува Агенцијата со седиште во Хаг во неодамна објавена анализа.