Спасувачките тимови во моментов работат на отстранување на остатоците откако дел од хотелот „Дубровник“ во крајбрежниот град Вила Гесел во аргентинската провинција Буенос Аире, се урна околу 1 часот по полноќ по локално време, соопшти локалниот совет.
Се проценува дека во тоа време имало меѓу седум и девет лица во хотелот, вклучително и работници од градилиште.
Службите за итни случаи, како и пожарникари и полиција, работат на местото на настанот, се вели во соопштението објавено од општината Вила Гесел.
Локалниот совет соопшти дека се верува дека градежните работници работеле на проект што се изведувал без општински дозволи.
Се вели дека проектот бил стопиран од страна на Советот во август оваа година.
„Засега, иако не може да се зборува со точни детали за уривањето, може да се потврди дека конструкцијата во урнатиот дел (задниот дел) била незаконски и неправилно модифицирана“, додаваат од локалниот совет.