Глобалната трговија и кризите во фокусот на самитот на Г20

Светските челници од групата Г20 го започнуваат во петокот дводневниот самит на кој ќе доминира глобалната трговија, но голем дел од дневниот ред го диктира американскиот претседател , без разлика дали станува збор за трговската војна со Кина или откажувањето на средбата со рускиот колега поради руско-украинските тензии.

И покрај неколкуте показатели дека кинеската и американската делегација би можеле да договорат своевиден „прекин на огнот“ во меѓусебната трговска војна, загриженоста расте дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг, нема да постигнат договор на закажаната средба во рамките на самитот во аргентинската престолнина. Пред заминувањето од Вашингтон, Трамо реле дека е „многу близу“ постигнувањето договор со Кина, но и додаде дека не знае дали го сака тоа бидејќи „токму милијарди и милијарди долари стигнуваат во САД преку царините и наметите“. Кина, пак, „сака договор“ и е отворена за него, убеден е Трамп, но исто така рече дека му се „допаѓа договорот којшто сега го има“.

САД наметнаа високи царини на кинеските производи претходно годинава, на што Кина одговори со еднаква мера, па ескалацијата на одмаздничките царински потези меѓу Вашингтон и Пекинг веќе ја тресе светската економија, а Трамп се заканува со даноци на увозот на сите кинески производи.

Меѓутоа, пред самото отворање на самитот, кинескиот државен весник на англиски јазик пишува дека Кина и САД би можеле оваа седмица во Аргентина да склучат трговски договор, но и дека Вашингтон би морал да биде „разумен и праведен“, доколку сака да ги ублажи сегашните тензии. „Пекинг сака договор исто колку и Вашингтон. И има волја да соработува со Вашингтон околу контроверзиите врзани со трговскиот договор, доколку американската страна се покаже како разумна и праведна“, пишува The China Daily.

Весникот, исто така, истакнува дека доколку американската страна има нешто друго во план, „како што е искористувањето на сегашниот трговски спор за да се сопре кинескиот раст“, тогаш договор нема да биде можно да биде постигнат. Неодамнешниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) по жестокото препукување меѓу американските и кинеските претставници заврши во ќорсокака, и без вообичаеното заеднички соопштение од самитот.

Од друга страна, кога станува збор за економските односи, тука е и договорот меѓу САД, Мексико и Канада. Канадската страна потврди дека новиот трговски договор меѓу трите земји ќе биде потпишан во Буенос Аирес веќе во петокот. Меѓутоа, американско-мексиканско-канадскиот договор USMCA, сепак, уште мора да го потврдат парламентите на секоја од овие три земји.

По самитот на Г7 во Канада во јуни годинава, Трамп започна вербална војна со канадскиот премиер Џастин Трудо, нарекувајќи го „нечесен“ и одби да го поддржи заедничкото соопштение на групата индустриски најразвиени земји на светот кога канадскиот премиер се закани дека ќе возврати на американското зголемување на увозот на челикот и алуминиумот.

 

Руско-украинската криза

Неодамнешното ескалирање на напнатоста меѓу Русија и Украина во Азовското Море фрли сенка над самитот на Г30, откако Трамо во четвртокот ненајавено го откажа состанокот со рускиот колега Владимир Путин. Кремљ поради тоа во петокот изрази жалење и уште еднаш оцени дека откажувањето на мини самитот е плод на внатрешнополитичките тензии во Вашингтон. Рускиот претседател во Буенос Аирес ќе се сретни и со европските челници, кои најавуваат дека ќе ги осудат руските потези.

Меѓутоа, јасно е дека Путин ќе аргументира и најверојатно документира дека украинската страна во неделата направила нарушување на Конвенциите на ОН за територијалните води, по што украинските воени бродови направиле нарушување на руската државна граница и откако се оглушиле на повиците на руската погранична морнарица крај црноморскиот полуостров Крим кој во 2014 година се присоедини кон Руската Федерација а што Западот не го признава, ги заплени трите украински пловила. Киев на тоа одговори со воведување на тресетдневна вонредна воена состојба, која и во земјата не е прифатено најдобро, поради подготовките за украинските претседателски избори наскоро.

Саудиска Арабија – Кашоги и нафтата

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ал-Сауд, исто така, учествува на самитот, првпат на голем меѓународен собир по убиството на дисидентскиот новинар кој од лани живееше во егзил во САД, Џамал Кашоги, на 2-ри октомври во саудискиот конзулат во Истанбул.

Убиството предизвика осуди ширум светот и повикување на санкции на монархијата којашто главен приход остварува од нафтата, како и западен мораториум на продажба на оружје на оваа исламска сунитска сила на Блискиот исток и стратешки партнер особено на САД во регионот. Постојат големи сомневања дека токму принцот престолонаследник го наредил убиството на Кашоги. Но Саудиска Арабија е важен сојузник на Вашингтон како снабдувач со нафта, поседувач на големи износи во американски обврзници и богат пазар на американско оружје, а претседателот Трамп повтори во екот на кризата дека е приврзан на ова сојузништво, но оти сепак не планира во Буеност Аиерес да одржи билатерална средба со принцот Салман. Од делегацијата на Трамп, пак, не ја исклучија можноста од одржување „неформална средба“.

Во аргентинската престолнина енергетските гиганти Саудиска Арабија и Русија би можеле да дојдат, од различни причини и од политичкиот тек на самитот секако, да дојдат во искушение да го намалат своето производство за да го сопрат падот на цените на „црното злато“. Со можната одлука за запирање на падот на цените на нафтата, може да биде разлутен Трамп, кој е голем поборник на евтината нафта и зголемен извоз на американската добиена од шкрилци.

Повратникот на меѓународната политичка сцена по убиството на Кашоги, саудискиот престолонаследник веќе одржа важна билатерална средба со индискиот премиер Нареднра Моди на тема големи вложувања во индискиот енергетски, земјоделски и инфраструктурен сектор.

 

Суверенистите, брегзитот и климата

Г20 е група земји коишто ја сочинуваат дваесетте најголеми светски сили, 19 држави плус ЕУ, а на нив отпаѓа 85 отсто од светскиот бруто домашен производ (БДП). Челниците на овие земји и делегациите ќе бидат заштитувани од околу 22.000 аргентински полицајци, а состанокот се одржува една година по насилните протести во германски Хамбург по повод одржувањето на истиот собир.

Завршната заедничка изјава во Буеност Аирес ќе се побиде да поттикне „рационална и позитивна“ визија на трговијата, предвидува аргентинскиот министер за надворешни работи, Хорхе Форие. Меѓутоа, светот е далеку од единството прокламирано на 15-ти ноември 2008 година, по првиот самит на Г20 одржан во Вашингтон. Тогаш во завршното соопштение беше ставен „мултилатеризмот“ кој ќе му донесе „благосостојба“ на светот потресен од финансиската криза, Десет години подоцна овој мултилатеризам е потресен од политиката „Америка на првото место“ на претседателот Трамп, со победите на десните суверенистички челници на изборите ширум светот.

За британската премиерка Тереза Меј самитот претставува можнсот на светските челници да им ги претстави добрите страни на истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, односно на договорот што го постигна со Брисел. Исто така, Меј, според најавите ќе им порача дека раздружувањето со ЕУ ќе има позитивни ефекти врз глобалната економија.

Борбата против глобалното затоплување е темата којашто Франција како организатор на Парискиот климатски договор од пред три години планира да го брани во Буенос Аирес, во пресрет на отворањето на климатската конференција COP24, на 2-ри декември во Полска. Договорот стана проблематичен, откако американскиот претседател Доналд Трамп, и претходно голем критичар на договорот од Париз, ги повлече САД од него.

И покрај сите тензии, конечно, на самитот би требало сепак да има и едно симболично помирување. Односно 36 години по Фокландската војна од 1982 година, Тереза Меј ќе стане првата британска челничка којашто ја посетила Аргентина.