Челниците на земјите членки не Европската унија во понеделникот вечерта на неформален состанок во Брисел ја одржаа првата дискусија по европските избори за распределбата на водечките функции во следните пет години и ќе им треба повеќе време за конечен договор, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Имавме добра дискусија, која тргна во вистинска насока, но вечерва немаме договор“, изјави Мишел по неформалната работна вечера која заврши доцна ноќта.
Се очекува да се постигне договор на редовниот самит што ќе се одржи на крајот на следната недела, на 27-ми и 28-ми јуни.
По изборите за Европскиот парламент одржани од 6-ти до 9-ти јуни, челниците на ЕУ мора да се договорат кој ќе ги преземе водечките функции во следниот институционален период до 2029 година.
Станува збор за првите личности на Европската комисија, Европскиот совет, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и претседателот на Европскиот парламент.
Мишел рече дека паневропските политички партии ги претставиле своите предлози за лидерски позиции и дека сега е потребно извесно време за да се постигне договор.
Претседателот на Комисијата го именува Европскиот совет со квалификувано мнозинство и оваа одлука мора да биде потврдена од Европскиот парламент. Претседателот на Европскиот совет го избираат само членовите на тоа највисоко тело, а парламентот нема овластувања. Истото важи и за претседателот на Парламентот, кој го избираат пратениците, а Советот нема никаква улога.
Сепак, одлуките за водечките позиции секогаш се носат во пакет затоа што е потребно да се земе предвид рамнотежата на силите на водечките политички групации, фактот дека не се сите од истиот дел на ЕУ, рамнотежата меѓу големите и мали земји и половата еднаквост.
Во принцип, веќе е договорено функцијата претседател на Европската комисија да оди во рацете на Европската народна партија (EPP), убедливо најголемата политичка група во Европскиот парламент и Европскиот совет, позицијата претседател на Европскиот совет треба да оди кај социјалистите, а функцијата висок претставник за надворешна и безбедносна политика треба да им припадне на либералите.
Европската народна партија, социјалистите и либералите имаат вкупно мнозинство од околу 400 претставници во 720-члениот Европскиот парламент.