На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Ова го изјави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција пред Владата.
„Во консултација со бизнис заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која, почнувајќи од утре, заклучно со 30 септември 2022 година, за леб бел- сечен на парчиња или цел, шеќер бел, како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500,- макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто и јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец, се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало“, кажа министерот Бектеши.
Тој дополни дека е договорено во делот на формирање на цени да не се пресметуваат дополнителни оперативни трошоци, и да не се плаќа рабат, за да нема дополнителни трошоци за производителите, ниту за превозниците.
„Веќе има намалување на цените кај одредени трговци, по најавите за инспекции, но ако се зголемат цените на другите производи, ние ќе преземеме други мерки и ќе ја прошириме листата. Не е време да се прават исти профити како во нормални услови, ниту време за зголемено профитирање, ниту од трговците, ни од останатите во трговскиот ланец. Затоа ќе ја следиме ситуацијата и нема да дозволиме да се прават зголемени профити“, потенцираше Бектеши.
Тој изјави дека не е фер кон потрошувачите да има раст на цените за 24 часа за 80 отсто, иако трошоците не им се зголемени за толку. „Ги гледаме влезните фактури и не сме приметиле да има толку голем раст на трошоците ниту за струја. За макарони или тестенини се зголемила цената за 80 отсто за 24 часа, а за такво нешто нема основа“, појасни Бектеши.