Се затвораат сточните пазари, храна без сертификат ќе се запленува

Затворање на добиточните пазари и собирните центри, движење на животински пратки само со сертификат за здравствена состојба, дезинфекција на превозните средства, се дел од мерките што ги донесе Агенцијата за храна и ветеринарство со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.

Според АХВ, движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните и со документ со кој се потврдува безбедноста на храната со која се тие хранети.

АХВ информира дека  животните смее да се превезуваат директно во кланица или на одгледувалишта кои ги исполнуваат биосигурносните услови, но, пред товарањето и по растоварот, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус.

– Сите животни кои ќе се затекнат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба, или кои не се идентификувани, ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, односно, на трошок на одгледувачот -велат од АХВ.

Од АХВ апелираат ветеринарните друштва редовно да се информираат и да ги следат заклучоците на Владата и на Министерството за здравство.

-Тие не треба да вршат активности во одгледувалиштата каде има лица кои се во само изолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојба кои во вакви услови се редуцирани, во населените места во кои има лица заболени од вирусот КОВИД 19 да се остават последни, односно во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од вирусот нема да постои – додаваат од АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниов период нема да издава сертификати за безбедност за извоз на брашно, бидејќи е забранет извоз на брашно.

Оттаму апелира да се почитуваат процедурите за постапување во синџирот на утовар/растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз.

АХВ соопшти и дека нејзините инспекциски служби ги засилија контролите кај операторите со храна кои вршат онлајн – трговија и достава врз основа на телефонските нарачки на граѓаните.

– Се вршат проверки дали се почитуваат основните и посебните услови за дистрибуција на храна, правилата на Добра производствена и хигиенска пракса, како и дали се почитуваат препораките за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства со цел намалување на ризиците и спречување на ширење на вирусот КОВИД-19 – велат од АХВ.