Денес се одржува седмото по ред државно првенство на бармени на Македонија во Хотел Stone Bridge, Скопје. Преку триесет бармени од целата земја ќе земат учество и ќе се претстават во две категории: класична подготовка на коктели и флертендинг. Првата категорија подразбира претставување на натпреварувачите со свои авторски коктели чија техника на приготвување, изглед, вкус и арома ќе бидат оценети од стручна комисија составена од претставници од земјава и од странство.
Во втората категорија, учесниците исто така ќе се претстават со свој авторски коктел кој ќе го приготвуваат со акробациски движења и елементи на жонглирање со барската опрема. Натпреварувачите ќе започнат со квалификации каде секој се претставува со својот коктел и се борат за пласман за во финалето кадешто има место само за 12 учесници. Во финалната фаза повторно се претставуваат пред изменет судиски состав за најпрестижното прво место.
Оваа година најдобрите ќе ја претставуваат Р.Македонија и ЗБМ на Светското првенство на бармени кое ќе се одржи во Кејптаун, ЈАР. Покрај дружењето и познанствата, тие се стекнуваат и со знаење на семинарите кои ги водат едни од најеминентните имиња во професијата. Целиот тим заедно со напреварувачите ќе бидат сместени седум дена во ексклузивниот The Cullinan Hotel. За претставниците ова претставува одлична можност да се запознаат со нови техники, комбинации и декорации а во исто време да ги пренесат нивните.
Покрај патувањето и сместувањто на Светското првенство во Кејптаун, ЈАР кое го обезбедуваат ЗБМ и спонзорите, за најдобрите во двете категории, односно за угостителските локали во кои работат професионалните бармени, официјалниот софтверски партнер на 7. Државно првенство, Акцент Компјутери и Синерџи ќе им додели лиценца за користење на софистициран софтверски пакет за угостителско работење – EASY POS, кој со својата едноставност и практичност ќе им го олесни работењето на бармените и менаџерите на локалите.
Во рамките на Државното првенство во Скопје, ќе се одржии едукативен семинар за учесниците, а темата е Whiskey master class на кој имаме чест предавачите да бидат токму победникот на првиот Diageo Reserve World Class, Аристотелис Пападопулос и Никос Арсланоглу, учесник на Diageo Reserve World Class, како и судија на многубројни натпревари. Целта на семинарот е да се едуцираат натпреварувачите за вискито воопшто, како и да се разбијат табуата дека вискито се пие само чисто.