Седум германски аеродроми во застој поради штрајк на работниците

Германскиот синдикат Verdi доцна ноќта во четвртокот започна 24-часовен штрајк на седум аеродроми, поттикнат од споровите околу платите, што предизвика нов хаос на патниците во германскиот цивилен воздушен сообраќај.

Штрајкот доаѓа додека трае спорот на синдикатот со сојузната влада и општините во пресрет на новата рунда преговори за 12-месечен колективен договор за вработените во јавниот сектор на 22-ри и 23-ти февруари.

Синдикатот Verdi и германското здружение на државни службеници (DBB) бараат зголемување на платите за 10,5 отсто или минимум 500 евра за околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор. Така, од почетокот на годинава вработените во поштата неколку дена штрајкуваа на повик на Verdi, кој бара зголемување на платите за 15 отсто.

Здружението на аеродромите соопшти дека околу 295.000 патници ќе бидат погодени од откажувањето на околу 2.340 летови на аеродромите во Бремен, Дортмунд, Франкфурт, Хамбург, Хановер, Минхен и Штутгарт.

Синдикатот Verdi ги повика вработените да штрајкуваат во исто време за да го зголемат притисокот, велејќи дека колективното договарање постигнало мал напредок.

Претходно во четвртокот, најголемата германска воздухопловна компанија „Lufthansа“, соопшти дека откажала повеќе од 1.300 летови во петокот, вклучувајќи ги и сите летови на аеродромите во Франкфурт и Минхен, како резултат на штрајкот.

Уште во средата вечерта аеродромот во баварската престолнина Минхен, вториот по големина во Германија, објави дека ги откажува сите летови поради штрајкот на персоналот во петок, кога започнува и годишната Минхенска безбедносна конференција.

„Поради штрајкот (…) сите редовни патнички линии се откажуваат од петокот во 00,00 часот до саботата во 01,00 часот“ се наведува во соопштението на операторот со минхенскиот аеродром додавајќи дека се откажуваат повеќе од 700 дојдовни и појдовни летови.

Предвидени се само некои „специјални“ летови, како што се „хуманитарните, медицинските и техничките“, како и летовите со коишто ќе допатуваат учесниците на Минхенската безбедносна конференција, дипломатскиот собир на кој од петок до недела ќе присуствуваат меѓународни челници.

Вработените на седумте германска аеродроми, меѓу кои и најголемите во Франкфурт и Минхен, на штрајк ги повика синдикатот Verdi, додека се водат тешките преговори за платите.

Франкфуртскиот аеродром, кој е најголемиот во Германија и Европа, предупреди дека сообраќајот ќе биде „значително нарушен“ и им препорача на патниците да „не доаѓаат на аеродромот“.

Се очекува дека аеродромот во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Штутгарт, Дортмунд, Хановер и Бремен да бидат парализирани поради затворањето, при што патниците се предупредени на честите откажувања и одложувања на летовите.

Испораките на хуманитарната помош за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија ќе бидат изземени од штрајкот, соопштија од синдикатот.