![koronavirus serija a](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/koronavirus-serija-a.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Дваесет и седумгодишниот полски бек Бартош Бережински е седмиот фудбалер на италијанскиот прволигаш Сампдорија кој е заразен со новиот вид коронавирус.
„За жал, позитувен сум на Covid-19. Се чувствувам добро. И покрај преземењето на соодветените мерки за претпазливост, не успеав да го избегнам овој вирус. Поради тоа ве молам да бидете одговорни и да останете дома колку што е тоа можно“, порача Бережински преку социјалните мрежи.
Во тимот на Сампдорија, градскиот ривал на Џенова на македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев, со коронавирусот се заразени Норвежанецот Мортен Торсби, Швеѓанецот Албин Екдал, Гамбиецот Омар Колеи и Италијанеците Антонио Ла Гумина и Фабиот Депаоли. Покрај нив заразен е и клупскиот лекар Амадео Балдари. Претходно во четвртокот беше потврдено дека е заразен првиот член на тимот, Маноло Габиадини. Покрај нив заразен е и клупскиот лекар Амадео Балдари.
„Сампдорија веднаш ги презема сите процедури предвидени за ваквите случаи: сите клупски простории се затворени, екипата, водството и вработените кои биле во контакт со заразените се наоѓаат во доброволна домашна изолација“, соопштија од Сампдорија во петокот.
Уште една екипа од Серија А, Фиорентина објави во саботата дека тројца нејзини играчи се заразени со короанвирусот. Во петокот вечерта клубот од Фиренца потврди дека позитивен на коронавирусот е нивниот 20-годишен српски напаѓач Душан Влаховиќ, кој не покажувал никакви симптоми и се наоѓа во неговиот дом, а во саботата позитивните тестови на коронавирусот биле потврдени и кај капитенот на тимот Герман Паѕела и кај напаѓачот Патрик Кутроне.
Бројот на заразените играчи со Covid-19 во Серија А со овие случаи се зголеми на вкупно единаесет, откако во средата Јувентус објави дека позитивен на коронавирусот бил нивниот бек Даниеле Ругани.