Седумдесет и еден пратеник ќе учествуваат во кампањата „За” референдумското прашање

Вкупно 71 пратеник активно ќе учествува во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018-та година и дека се изјаснуваат „ЗА“ референдумското прашање.

Пратеникот Антонијо Милошоски, како поединец пратеник испрати допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се’ уште нема доставено известување, а според најавите од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе го сторат во среда.

На денешната координација со која раководеше претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, присуствуваа потпретседателите и координаторите на сите пратенички групи освен, како и досега, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ иако, како и сите координатори, и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ беше известен од петокот за терминот на одржување на координацијата.

Уште еднаш беше потенцирано дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.

Собранието формираше Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.