Шефот на полицијата во Мехелен лично го спречил апсењето на Абдеслам?

Шефот на полицијата во белгиската општина Мехелен, Ив Богартс лично интервенирал за да спречи во националната база на податоци за тероризмот да се внесат информации, што можеле да доведат до апсење на осомничениот за терористичките напади во Париз, Салах Абдеслам во декември минатата година, пишува „Политико“ повикувајќи се на локалните медиуми, а пренесува „Танјуг“.

Поранешниот вработен во полицијата и експерт за радикализација, што е идентификуван како „Личност Икс“ ја известил полицијата во Мехелен за роднината на Абдеслам за кого се стравувало дека е радикализиран.

Станува збор за Абид Аберкан, кој го криел Абдеслам  во неговиот стан во Моленбек.

Но, Богартс ја отфрлил информацијата како „недоверлива“ и лично интервенирал да се спречи таа да се најде во националната база на податоците за тероризмот, наведува весникот Газет ван Антверпен.

Локалниот весник се повикува на изјавата на неименуваниот колега на мажот, кој тврди дека Богартс тоа го направил затоа што неможел да ја споменатата „Личност Икс“.

Богартс претходно негираше дека полицијата во Мехелен намерно ги задржувала информациите и тврдеше дека само еден член на неговиот тим направил грешка.

Грешката за жал е направена во мојот тим, рече Богартс на конференцијата за новинари во март годинава додавајќи дека неговиот колега заборавил да ја проследи информацијата од тоа досие.