Сега ви е шансата! ДЕЧКИ!!!

Кому ли му се обраќам? Ај полека, ова е публикум со кој никој од нас не е научен суптилно да комуницира, туку површно и многу, премногу, малку им посветуваме внимание. Секако, има и донекаде оправдание, затоа што биолошки се предодредени да ич уво да не им чуе за се она за кое ние, старкељите, се залагаме.

Старо и младо

Уште малку појаснување. Сетете сте кога сте станале полнолетни, на што ви личеше 30-40 па и постар човек? На некоја одртавено старо суштество потполно неважно и како некој си елиен од некој друг свет со кој не делите ама баш ништо, никакви интереси, култура, било што. Денес функционелен „цут на младоста“ се токму тие години, 30-40 и тоа како еден од најбитните сегменти и со кои може многу разумно да се комуницира, со висока свесност за општеството … оф тупам, тупамарос, ама морам вака, стрпете се имам поента!

Она што е помладо многу тешко се контролира, иде импулсивно, не е предвидливо и затоа општеството повеќе ги остава да досозреат, вака или онака додека да станат употребливи и да влезат во „машината“. Младите со право, после се што видоа од нас, имаат презир кон нас – предавници, патриоти, куртони, од нас заколнатите у библии, пари, Сорос, Трамп, за нив се тоа е како лигав траг од полжав. А, ние во очај: за земјата, за идејата… не’ отфикаруваат без пардон. Не сакаат ни да не’ погледнат.

Како старееме стануваме самобендисани, арогантни, тврди, крути, со се’ помалку пријатели, се’ повеќе интерес, матерјален, политички , приземен и без да навлагам во транзициски приказни и да скратам, колку и да сме во право ние сме виновни што немаме комуникација со нив.

Помина врмето на горделива строгост во нашата убеденост во ставовите! Не брате, сестро, ќе клекнеш, ќе ги гледаш во очи и ќе ги молиш да те сослушаат примат у друштво, иако не припаѓаш? А зошто ти е сетоа тоа? За мене, една проста причина, ако поддржат некоја идеја, мојот став, ако успеам на несебичен начин да им пренесам идеја, нивната енергија е стократно поголема. Нивниот систем за информирање и фаворизирање на одредени нешта е просто неверојатен. Во една вечер ќе „исхејтаат“ или поплава од одобрување на некаква општествена или технолошка појава со сета стихијност. Страшна сила и енергија е тоа.

Дечки, не сте свесни колку сте моќни!

Ние само ќе коментираме на твитер и фејзбук, места кои они ги презираат како огласна табла со умреници. И покрај се младите беа и повеќе од коректни за време на пандемијава, да беше у мое време, ќе гореше пола град! Знам каква „стока“ бевме, нејсе. Сега се враќаат во нормала и повторно вртат глава од нас оти добро знаат какви глупости изнаправивме и не се замараат да не анализираат- едноставно “фак оф“. Од први јули се отвораат граници, според мои штури обзервации народ, и тоа како се спрема и е нас-скан да ја здува одовде на одмор. Би бил изненаден да не е така, но ќе има голема преселба. Второ, оние кои се навистина постари, а во најризичните групи, тешко дека периодов човек може да очекува било што од нив. Ни одмор, ни гласање, оти дамокловиот мач Корона им виси опасно над глава.. Каде ми оди целава тирада? …Набрзо, уште пар реченици, дочитајте (ова на најмладите им го викам кои превертуваат со очи оти додека го читаат ова им интересно ко поп кога пее на задушница)
Избори…

Младите и избори е исто ко вампири и крст, лук, света вода, сончева светлина. Како никогаш досега, младите, да вие, кои имате право на глас и со право викате „факју старци, не учествуваме, не ви веруваме и не не интересира“ имате шанса како никогаш досега! Старите се во опасност и голем ризик им е да искачаат на избори, потоа голем дел од граѓаните на Македонија ќе ја здуваат на плажите во околината, сигурно.

(Скоро читав податок дека крстрењата со огромните бродови се потполно распродадени низ светот! Зошто? Затоа што младите си уплатиле кога сватиле дека тие некогаш пловни старечки домови ќе бидат без таа генерација која е здодевна и ќе си тертаат луди забави по нивн,и а не по геријатриски ќеф)

Оттаму и ми дојде идејата за нашиве дечки, можат да направат ХАОС!

ДЕЧКИ, СТАРЦИТЕ ЌЕ БИДАТ ДОМА, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД НАРОДОТ ЌЕ ПРЕБЕГА – СЕГА ВИ Е ШАНСА КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА, ДА НАПРАВИТЕ ПРОМЕНА КОЈА ЌЕ ДОЈДЕ – НО ОД ВАС ДА ДОЈДЕ! ИЗЛЕЗЕТЕ ДА ГЛАСАТЕ! ВЕ УВЕРУВАМ ДЕКА ЌЕ НАПОЛНАТ ГАЌИ!! … и сетоа тоа легитимно и со право никој да не може да ви писне, а после тоа, има да ви се тресат!

Не ве ставаат како фактор, а сега вие, кои немате скоро никаков ризик од коронава, а имате право на глас, да направите „земјотрес“ како никогаш досега. Да им ги зезнете сите шеми и да си гласате. Да ги изреметите сите оние домашни, странски, марсовски планови и во ваш стил, да им истерате барем инат оти заслужуваат. Ќе биде сеир до небо. Ќе напишете историја! Сега ви е шанса додека маратонците квачат јајца заклучени дома, вие да ја земете целата работа во своите раце и да казните/наградите оној кој сакате. Доволно сте свесни и самите како треба и за кого да гласате! Храброст имате, само да ве фати тој ваш плимен бран на инат…. ќе растурите, ах како сакам тој сеир да го гледам!  Ние диносаурусите, нема да се опоравиме со години потоа!

Уште ова, нешто не ти чинело? Не ти било добро? Немале пари твоите за џепарлак? Гледаш дека нешто не е фер, неправда, некој крадел, лажеш, излези и казни го или гласај за оној кој мислиш дека ќе направи подобро. Знам дека ти се темни кога гледаш какви ликови возат бесни прескапи коли, Мајбах, Бентли, а ти не можеш ни старо Пунто да си дозволиш, нема подобар начин, барем да се обидеш да смениш нешто. Гледаш по светов протести, се е тоа ок, но на крај и тоа што го мразат и против кое се бунат ќе се смени само со гласање. Ептен е кул кога ќе си кажеш во себе – да, јас направив нешто бидеејки нема друг начин, никако!

Човече, која шанса ја имате, како никогаш досега.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес