СЕХА лигата и во новата сезона ќе биде со врвен квалитет

СЕХА Газпром лигата и во новата сезона ќе има квалитетни екипи, кои ќе се борат за трофејот во ова натпреварување, во кое Вардар е актуелен првак.

По пауза од две години во СЕХА лигата се враќа екипата на Веспрем, додека дебитант во ова натгпреварување ќе биде и екипата на Мотор Запорожје од Украина, која постигна договор со челните луѓе на СЕХА, да се приклучи во овој голем проект.

Нови учесници ќе бидат и екипите на Еурофарм Работник, која заврши на второто место во Македонија, како и Металопластика, која доаѓа на местото на Железничар, додека дел од лигата во новата сезона нема да бидат екипите на Металург и Стеауа. Во лигата ќе продолжат да се натпреваруваат екипите на Вардар, Татран Прешов, ППД Загреб, Нексе, Брест Мешков, Извиѓач и Војводина.

Последниот дванаесетти учесник ќе се бира меѓу екипите на Татабања, која сезоната во Унгарија ја заврши на третото место, веднаш зад екипите на Веспрем и Пик Сегед, и меѓу Олимпијакос од Грција.

Во новата сезона ќе гледаме различен систем на натпреварување, во кој екипите ќе бидат поделени во две групи, од по шест екипи.

Вардар е најтрофеен тим во СЕХА-лигата со вкупно пет трофеи, два има екипата на Веспрем, додека Загреб има една титула.