Секоја друга пресуда освен ослободителна за Алабаковски, е антидржавнички чин!

Единствен кој треба да се гони кривично, како што додаваат од Левица, е претседателот на здружението „Ванчо Михајлов“.

Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски, стои во реакцијата на Левица, откако се појави информацијата дека македонскиот поп-пејач е сторителот кој го опожари бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

Од Левица додаваат дека секоја друга пресуда освен ослободителна за пејачот, ќе претставува, како што велат, антидржавнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ.

Од тие причини најавија дека ќе стапат во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат пејачот и ќе се понудат да ги покријат трошоците на одбраната.

„Слобода за Ламбе Алабаковски!“, стои во реакцијата на партијата.

Во својата реакција, од партијата додаваат дека денешното експресно апсење на Алабаковски кој го запали клубот, кој како што велат, го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, потврдува дека власта на СДСМ и ДУИ е во служба на бугарскиот неоврховизам.

„Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението ‘Ванчо Михајлов’, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка“, додаваат од партијата.

Единствен кој треба да се гони кривично, како што додаваат од Левица, е претседателот на здружението „Ванчо Михајлов“.

„Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза!“, велат од Левица.