Се соочуваме со суровата реалност на пазарот на труд која дојде како резултат на истоштената економија каде во просек 250 луѓе дневно го губат своето работно место, односно секој час 11 граѓани во Македонија остануваат на улица. Ова се поразителни бројки за македонската економија. Бројките се од истражувањето на Рефлектор, а врз основа на податоци од Заводот за вработување за пет месеци кои велат дека од април до 24-ти август бројот на луѓе што активно бараат работа е 36,362. Или станува збор за речиси 5 месеци, скоро 40 илјади невработени или дневно околу 250 лица, а во еден час 11 лица остануваат без работа.Ваквиот тренд на долг рок нема да донесе економска стабилност, туку напротив- уште попоразителни статистики и реални проблеми во економијата.
Зошто е значајно работодавачите да направат напори да задржат колку е можно повеќе од своите вработени? Одговорот веројатно го дава историјата: имено доказите од опоравувањето на економијата во периодот по Втората светска војна покажуваат дека оваа инвестиција во план за опоравување се исплатува сама по себе. Семејствата кои работат и имаат на располагање приход креираат услови на економска побарувачка која е неопходна за стабилен растеж и здрави јавни финансии. Стабилните јавни финансии и системот на социјална сигурност ќе ги стимулираат луѓето да трошат и конечно ќе донесат стабилност и заштита од можна идна пандемија.
Се зголеми бројот на невработени лица наспроти повиците на премиерот Зоран Заев за задржување на секое работно место кон фирмите и работодавачите.
Eкономските мерки на владата за помош и поддршка на фирмите за пребродување на кризата, кои стручната јавност најчесто ги оквалификуваше како скромни, се покажа дека немаат ефект и не даваат резултати поради што газдите се принудени да ги отпуштаат своите вработени.
Премиерот Заев пак на средбата со Сојузот на стопански комори истакна дека бројките на отпуштени работници неприродно пораснаа од 12-13 000 на 22-23 000, а по некои статистики и на 30 илјади невработени, а се оди и до 40 илјади лица кои останале без работа.
„Бројките на отпуштени работници неприродно пораснаа од 12-13 000 на 22-23 000, а по некои статистики и на 30 000 невработени, но не се 140 000. За нас е важно секое работно место и затоа треба да знаат деловните луѓе дека државата продолжува да помага. Сакаме да им се најдеме, но не можат да очекуваат директна помош и поддршка ако не водат грижа за својот највреден капитал, а тоа се работниците“, рече Заев.
Државниот завод за статистика пак објави податок дека бројот на работници во индустријата во периодот јануари – јули оваа година во споредба со лани е намален за 4,6%.
На крајот на април годинава бројот на невработени лица во земјава изнесува 114.762, што е за 7.030 лица повеќе во однос на крајот на март, според евиденцијата на Агенцијата за вработување. Предвидувањата се дека во следните шест до осум месеци кризата ќе продолжи и целиот овој период и токму поради тоа владата мора да изнајде решенија со цел да им помогне на бизнис секторот и зачувувањето на работните места.
Секојдневно во Македонија се јавуваат различни категории на граѓани, вработени во различни области кои бараат помош и стравуваат за своите работни места и издржувањето на сопствените семејства. Ваквиот тренд на долг рок нема да донесе економска стабилност како што смета Заев туку напротив уште поразителни статистики, реални проблеми во економијата и сиромаштија.
Ситуацијата во Македонија е сериозна и токму поради тоа треба да се направат сериозни калкулации на кој начин и како треба да им се помогне на компаниите и бизнис секторот. Доколку власта не изнајде сериозен начин за помош на фирмите на работниците и понатаму ќе им се следуваат откази и се повеќе лица ќе останат на улица