Секој трет млад човек сака да си оди од државава, покажа истражувањето на АМС

Квалитетното образование, најважниот фактор за подобрување на квалитетот на живеење во нашата држава и практичната настава, се најголем проблем во образовните институции, а речиси секоја трета млада личност сака да се отсели во друга земја, покажува истражувањето на Агенцијата за млади и спорт, спроведено од јануари до март 2022 година.

Во истражувањето биле опфатени 1.200 испитаници од осумте плански региони и тоа има за примарна цел да даде увид во однос на ставовите, перцепциите и очекувањата на младите луѓе во државава.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека 68,4 проценти од испитаниците имаат негативен став кон образованието, а речиси 30 проценти проблемот го гледаат во наставниот кадар, за кој сметаат дека е неквалификуван и незаинтересиран. Најголема желба за отселување имаат младите од Источниот регион, а најмала од Полошкиот.

Според податоците, младите сметаат дека квалитетот на живеење може да се подобри преку доброто образование, можности за вработување и намалување на корупцијата. Младите сметаат дека корупцијата постои секаде и од неа зависат сите области.

„Кога би се намалила корупцијата лесно би можеле да се запишеме на факултет, да се вработиме според струката, но и да живееме во почист град“, се посочува во една од изјавите на испитаниците.

Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, потребна е поголема волја од МОН за задржување на младите да студираат во државава.

– Мојата забелешка до МОН е, кога поголем број од нашите државјани заминуваат, дајте да препишеме, што ни треба од таму каде што одат, за да ги задржиме. Предимензионирањето на Скопје по мене е најголем проблем, бидејќи сѐ што направивме во Скопје и образованиот систем е централизирање на сите институции во Скопје. Кога нема достапност до секого, тоа резултира со заминување во странство. Апелираме дека треба што повеќе да се вклучат лица од внатрешноста со што ќе имаме порелевантен образовен процес – изјави Мојсоски.

Според податоците, 30 проценти од младите испитаници сметаат дека немаат доволно можности за развој во земјава, додека 33,3 отсто имаат желба за развивање сопствен бизнис, но немаат доволно можности. Потоа, 24,4 отсто од испитанциите сметаат дека е најдобро да се бара работа во странство, а за 23,3 проценти од младите приватниот сектор е најдобра опција за вработување.

Истражувањето, освен образованието, ги опфаќа и другите области како културата, здравството, младинското учество и локалната младинска работа, квалитетот на живеење, младинското информирање, вработувањето и поддршката пред вработување.