Секој четврти жител на Грција е на работ на сиромаштија и по овој показател земјата е прва во Европската унија, пишува неделникот „Пондики“.
Во опасност од сиромаштија се 23,1 отсто од населението, при што таа опасност е малку поголема меѓу жените со 23,5 отсто, отколку кај мажите со 22,5 отсто, покажаа резултатите од анкета спроведена минатата година.
Опасноста од сиромаштија се утврдува врз основа на односот на бројот на домаќинства со приход помал од 60 проценти од просечниот приход, во вкупниот број домаќинства на една земја.
Во Грција сиромаштија најмногу им се заканува на домаќинства од еден родител со едно или повеќе деца, 66 отсто, потоа следуваат невработените мажи 52,1 отсто, другите невработени 33,3 отсто, деца до 17 години 26,9 отсто, жени кои живеат сами 24,1 отсто и семејства во кои еден член е постар од 65 години 23,5 отсто.
Според грчкиот завод за стаистика, ЕЛСТАТ, во опасност од сиромаштија се 914.873 семејства, со вкупно 2,536 милиони членови.
Во семејства во кои не работи ниту еден член или работи помалку од три месеци живеат еден милион и 11 илјади луѓе, што е 16,1 отсто од населението од 18 до 59 години. Оваа бројка е поголема за 837.300 луѓе во однос на 2011 година.
Пред опасност од сиромаштија и социјална маргинализација во Грција се три милиони и 795.100 луѓе, што е 34,6 отсто од вкупното население. И оваа бројка е зголемена во однос на 2011 година кога изнесувала три милиони и 403.300.