Секој знае колку може да истрча, до каде му е дадено да стаса

Игор, синот на драматургот Горан Стефановски, се огласи на својот фејсбук профил, по смртта на неговиот татко.

,,Сите се правиме маратонци, а секој во стомакот знае точно колку може да истрча, до каде му е дадено да стаса.” – Конзервирани импресии – напиша Стефановски.

Македонија се простува со еден од своите најпознати драмски автори. Горан Стефановски почина на 66 годишна возраст во близина на Лондон.

Зад него остануваат антологиските ,,Диво месо“, ,,Тетовирани души“, ,,Дупло дно“, ,,Лет во место“ и многу други.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Филозофски факултет завршил во Скопје, а студирал на драматургија на Академија за драмски уметности во Белград.

Кариерата ја започнал во Телевизија Скопје, бил асистент на скопскиот Филолошки факултет, професор по драматургија на Драмски во Скопје, член на македонскиот ПЕН центар, на Друштво на писатели, а од 2004 година член на МАНУ.

Зад себе ја остави сопругата Патриша, синот Игор и ќерката Јана. Семејството се’ уште нема излезено во јавност со детали околу тоа кога и каде ќе биде погребан великанот на пишаниот збор.

Драмски театар денеска со голема тага се прости од великанот Горан Стефановски.

Наш Горане,
не можеме да бидеме поголеми од тебе во зборот и затоа ќе те повикаме тебе со твоја реч
„ …Уште си тука
Зад кулиси,
Само излезен на пауза.
Кажи ни
Дека нема смрт!“