Македонската кошаркарска репрезентација ја оствари и втората цел, а тоа е победа на гостувањето кај аутсајдерот во групата, репрезентацијата на Данска.
Иако на крајот само победите се бројат, сепак после синоќешниот дуел она што треба да не загрижи е играта на нашата селекција, односно фактот дека доколку се мачевме за победа кај репрезентација со квалитет како оној данскиот, што ќе се случува на следното гостување, кај Белорусија? Особено што репрезентацијата е на добар пат да го продолжи континуитетот кога се во прашање настапите на големите натпреварувања.
– Им дадовме многу подароци на домаќините. Сигурен сум дека можеме да играме со повеќе концентрација и доколку сакаме да се пласираме на Европското првенство, мора што побрзо да се елиминираат овие грешки и да се достигне едно повисоко ниво на игра. Исто така треба да научиме како да ги играме овие натпревари во кои сме фаворити на хартија, односно кога ќе ни се пружи шанса во даден момент од натпреварот, мора да го кршиме отпорот на противникот што побрзо. Од тренерска гледна точка овие натпревари се најтешки, изјави меѓу другото селекторот Џикиќ.