Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на Општина Гевгелија, Иван Франгов, денес свечено ја отворија градинката во други просторни услови „Мало штркче” во с.Богородица, Општина Гевгелија.
„Заедно со градоначалникот на општина Гевгелија и директорката на градинката ЈОУДГ ”Детска радост имаме можност да отвориме еден нов објект, градинка во село Богородица, место во кое досега немаше воопшто градинка. Општина Гевгелија претставува успешен пример на водење на општина во насока на подобрување на состојбата на грижата и воспитување на децата од предучилишна возраст,” рече Спасов
Гевгелија е една од општините која има најголем опфат на деца во Македонија во детските градинки, а со овој чекор се зголемува капацитетот за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.
„Станува збор за објект во којшто може да се сместат до 50 дечиња. Оваа инвестиција е од над 4.000.000 милиони денари со којашто дополнително се подобруваат условите.Заедно со општината и градоначалникот на Гевгелија ќе продолжиме и во наредниот период да инвестираме во изградба на објекти во населени места во кој до досега немало градинка. Како министерството за труд и социјална политика нашата грижа за иднината на Р.Македонија и дечињата е во насока на отворање на што повеќе објекти, во населени места во кои нема воопшто градинки и токму во таа насока продолжуваме и во наредниот периoд,” појасни Спасов.
Тој на крајот посочи дека во моментов се работи на 14 објекти коишто во текот на годината и наредната година, ќе треба да се отворат а дополнително во програмата е зацртано 40 објекти за нови детски градинки.
„Наш приоритет е подобрување на условите и капацитетите на детските градинки во Македонија,” заврши Спасов.