
Семејството на 22-годишниот Лабинот Мисини кој почина во кумановскиот затвор ноќта кон неделата, се сомнева дека тој умрел од предозираност со седативи. Според нив, тие последен пат контактирале со него преку мобилен телефон вчера околу 15 часот кога тој им рекол дека има главоболки. Членови на семејството за Алсат велат дека 22 годишниот Мисини побарал помош од другите затвореници, но затворските чувари не повикале брза помош од кумановската болница. Во затворот немало доктор. Од Управата за спроведување санкции, велат дека се преземени сите мерки за расчистување на случајот.
„Веднаш после настанот беше повикана полиција и дежурен обвинител кои отвориле истрага. Проверени се безбедносните камери, испрашувани се затворските чувари во одделението каде издржувал казна починатиот кој во ќелија бил сам“, се наведува во соопштението од Управа за спроведување на санкции од понеделникот попладнето
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права се запознаени дека Мисини примал антидепресивна терапија уште од времето кога сега веќе починатиот бил во затворот за малолетници во Охрид каде отслужувал казна од една година. Тој пред десет дена е пренесен од охридскиот затвор во Куманово, од каде требало да биде ослободен за три недели. Според правната советничка, Сибел Ахмет, со неадекватниот лекарски третман на затворениците се кршат основните човекови права на затворениците.
Во СВР- Куманово велат дека случајот кај нив е пријавен вчера во 20:20 часот дека во Казнено поправниот дом во Куманово е пронајден мртов 22 годишниот Л.М. и кај него не биле констатирани знаци на насилство. По наредба на јавен обвинител телото е испратено на обдукција. Од судска медицина велат дека се анализираат резултатите од аутопсијата и ќе бидат испратени во Обвинителство. Според податоците на Хелсиншки од 2017 година до денес околу 30 затворници починале во затворите низ земјава.