Семејството Рокфелер ја врати исчезнатата таписерија „Герника“ во ОН

Една година откако огромната таписерија на познатата „Герника“ на славниот Пабло Пикасо одеднаш и нејасно исчезна од ѕидот во зградата на Обединетите нации во Њујорк, во саботата ја вратија сопствениците од семејството Рокфелер.

Повторното поставување на големото ткаено дело започна во саботата утротот по локално њујоршко време, рекол за AFP извор од ОН, а дипломатите изразија олеснување поради враќањето на делото со широчина 7,5 метри, кое висеше над просторијата на Советот за безбедност, каде што претседатели, премиери и амбасадори редовно минуваа. Поставувањето на таписеријата таму имаше цел да биде силен потсетник на стравотиите на војната.

Таписеријата во 1955 година ја нарачал Нелсон А. Рокфелер, а ткаена била во француското ателје со консултации на самиот Пикасо кој оригиналното дело „Герника“ го насликал во текот на Шпанската граѓанска војна во 1930-те години. Сликата претставува приказ на бомбардирањето на истоимениот шпански град на 26-ти април 1937 година, кои ги извеле тогашните нацистичка Германија и фашистичка Италија, сојузници на профашистичкиот шпански генерал Франциско Франко.

„Таписеријата Герника со својата преиспитувачка симболика, нејзиниот призор на ужасите на човековата природа, ги обработува свирепоста и темнината, но и семето на надеждта во човештвото“, изјави Нелсон Рокфелер помладиот во изјавата со којашто е најавено враќањето на делото.

Додава дека е благодарен што таписеријата ќе може да допира до повеќе луѓе и да ја зголемува својата способност „да ги допре животите и да ги образува“.

Во февраури 2021 година, кога пандемијата на коронавирусот го тресеше светот, а илјадниците службеници во ОН беа принудени да работата од дома, делото исчезна без никакво објаснување.

„Страшно е, страшно, што исчезна“, изјави тогаш генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој и самиот беше зачуден од ненадејното исчезнување на делото.

Во интервјуто за весникот The New York Times објавено во саботата, Нелсон Рокфелер помладиот признава дека се случил „недостиг во комуникацијата“ и тврди дека било потребно таписеријата да биде исчистена и реставрирана.

Таписеријата „Герника“ во ОН е на позајмица под условот семејството Рокфелер да ја преземе за изложување на изложби во САД или на други места во светот на период до шест месеци.