Семејството на генералот Франсиско Франко ќе ги искористи „сите правни можности“ против одлуката на социјалистичката влада на Шпанија да го ексхумира и ќе ги преземе посмртните останки на диктаторот доколку тоа се случи.
Во соопштението објавено во саботата, семејството истакнува дека „најрешително се противи“ на предлогот на шпанската влада Франсиско Франко до крајот на годинава да го извади од мавзолејот во кој почива, нарекувајќи го тоа „чин на задоцнета одмазда“.
Семејството на шпанскиот диктатор додава дека ќе ги искористи „сите правни можности“ за да ја спречи неговата ексхумација. Но доколку се случи тоа, семејството истакнува дека ќе побара да ги преземе за да „ги погреба според христијански обред“.
„Секако дека ќе се погрижиме за посмртните останки на мојот дедо, нема да ги оставиме во рацете на владата“, изјави претходно за конзервативниот дневен весник La Razon, Франсис Франко, еден од седумте внуци на генералот кој владееше со Шпанија по граѓанската војна од 1939 до 1975 година.
Социјалистичката влада на премиерот Педро Санчез, која неодамна стапи на власт, донесе во петокот извршна наредба за ексхумација на Франко од Ваље де лос Каидос, спомен област 50-ина километри од Мадрид, каде што почива од неговата смрт во 1975 година.
Семејството не сака телото да биде ексхумирано, но владата на Санчез одговори дека доколку семејството и натаму ја одбива ексхумацијата и не одреди место каде ќе го премести, самата ќе го стори тоа „на соодветно место“, според вицепремиерката Кармен Калво.
Внукот на Франко го одбива предлогот генералот да биде погребан крај сопругата Кармен Поло која почина во 1988 година, на гробиштата Ел Пардо, во близина на Мадрид. „Тоа место не е сигурно, мојот дедо не може да биде закопан таму. Засега не размислуваме за тоа“, рече.