Американскиот Сенат го потврди денеска изборот на контроверзниот Брет Кавано за судија на Врховниот суд, чие именување беше спорно бидејќи против него беше покрената истрага врз основа на обвинувањата за сексуално злоставување пред повеќе од 30 години. Кавано беше кандидат на претседателот Доналд Трамп, а случајот длабоко ја подели американската јавност и предизвика жестоки дебати и протести во САД.
Сепак, Сенатот вечерва со 50 гласа „За“ и 48 „Против“ го изгласа Кавано, овозможувајќи му голема победа на Трамп, со што Америка го доби петтиот конзервативен судија..
Во Сенатот каде што републиканците држат тесно мнозинство, сите сенатори гласаа во согласност со партиските ставови, со исклучок на демократот Џо Манчин од Западна Вирџинија кој гласаше за Кавано, и републиканката од Алјаска, Лиза Мурковски, која гласаше против.
Дел од демонстрантите денеска успеаја да се пробијат и до салата во која се гласаше, па викајќи накратко го попречија процесот, а потпретседателот Мајк Пенс ги повика обезбедувачите да воспостават ред.
Му аплаудирам и му честитам на американскиот Сенат за потврдувањето на нашиот ГОЛЕМ КАНДИДАТ, судијата Брет Кавано, во Врховниот суд на САД. Подоцна денеска јас ќе го потпишам неговото именување, и тој официјално ќе положи свечена заклетва. Мошне возбудливо!“, напиша Трамп на Твитер.
Иако беше непопуларен избор, Кавано ја имаше поддршката од републиканската база, вклучувајќи и голем дел од христијанската десница. Оваа суштинска поддршка остана цврста дури и откако Кристин Блејзи Форд, професорка во Калифорнија, јавно кажа дека пијаниот Кавано сексуално ја нападнал кога биле во средно училиште.
Потврдата на судијата Кавано овозможува превласт на конзервативците во Врховниот суд на подолга низа години. Ова највисоко судско тело во САД одлучува за важни прашања за американското општество како што се носењето оружје, истополовиот брак, абортусот, позитивната дискриминација и слично.