Заменик министерот за животна средина Стево Темелковски присуствуваше и се обрати на доделувањето на опрема за собирање и рециклирање на средства за ладење, кое е дел од долгогодишната акција за елиминација на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, т.н. HCFC хемикалии и која се спроведува преку Канцеларијата за озон при МЖСПП.
„Доделувањето на опремата за собирање и рециклирање на средства за ладење на бесплатно користење на сервисерите на ладилна опрема и средните стручни училишта го заокружува циклусот на активности поврзани со воспоставувањето на одржлив систем за управување со разладните средства“, изјави по тој повод Темелковски.
Во првата фаза активноста вклучи обука за управување и контрола на HCFC за 30 професори од сите средни технички училишта кои продуцираат кадар за сервисирање на разладна техника и 200 сервисери на разладни уреди за добри практики во сервисирање, собирање и рециклирање на разладни флуиди, како и 100 цариници од сите царински испостави на територијата на Македонија.
Во нашата земја досега се елиминирани повеќе од 98 отсто од потрошувачката на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка.
Активноста е во рамките на имплементацијата на Планот за елиминација на HCFC-супстанциите, а финансиските ресурси за набавка на опрема за собирање и рециклирање на разладни средства ги обезбеди Министерството за животна средина и просторно планирање од Мултилатералниот фонд на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка.