Сеул и Пекинг планираат потесна соработка во производството на полупроводници, најави Кина

Венг Вентао

Јужна Кореја и Пекинг планираат да го интензивираат дијалогот и соработката во синџирите за снабдување во индустријата на полупроводниците, во контекстот на глобалната загриженост за снабдување со чипови, санкциите и стравувањата по националната безбедност, изјави кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.

Кинескиот министер се сретнал со јужнокорејскиот колега Ахн Дук-гуен на маргините на конференцијата на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во американски Детроит, која заврши во петокот.

Министрите размениле мислења за зачувување на стабилноста во синџирите за снабдување во индустријата и за јакнење на соработката на билатерален, регионален и мултилетерален план, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за трговија објавено викендот.

Ванг, исто така, рекол дека Кина е подготвена со Јужна Кореја да работи на продолжување на трговските врски и соработката во инвестициите.

Меѓутоа, јужнокорејската изјава за состанокот не ги споменува чиповите, туку само наведува дека министерот за трговија побарал од Кина да го стабилизиран снабдувањето со клучните суровини и да обезбеди предвидлива деловна атмосфера за јужнокорејските компании во Кина.

„Јужнокорејската страна ја изрази потребата од комуникација меѓу функционерите на оперативно ниво во сите сектори, не само во индустријата на полупроводници“, изјавил за Reuters упатен извор во темата на разговорите кој сакал да остане неименуван бидејќи не бил овластен за давање информации на медиумите.

Јужна Кореја се најде во средината на спорот меѓу САД и Кина околу полупроводниците. Минатата седмица кинескиот регулатор за кибернетичкиот простор им забрани на операторите во клучната инфраструктура набавка на мемориските чипови на американската компанија „Micron Technology“ со образложение дека не минале на тестот на мрежната безбедност.

„Со анализа е утврдено дека производите на Micron Technology вклучуваат сериозни ризици за мрежната безбедност кои преставуваат значителни безбедносни ризици за кинескиот синџир за набавка на клучната информатичка инфраструктура и влијаат врз кинеската национална безбедност“, објави кинеската управа за кибернетичка безбедност.

САД, пак, го ограничија извозот на софистицирани чипови во Кина, а во соработка со Холандија и Јапонија ја блокираат и испораката на машини за нивно производство.

Од друга страна, Кина е дестинација за дури околу 40 отсто од јужнокорејскиот извоз на чипови, според податоците на министерството за трговија во Сеул, но на јужнокорејските производители на чипови „Samsung Electronics“ и „SK Hynix“ им е потребна американската технологија.