Северна Кореја не испорачала никакви видови оружје и муниција во Русија и не планира да го стори тоа, пренесува во четвртокот јужнокорејската новинска агенција Yonhap, цитирајќи ги државните медиуми во Пјонгјанг кои ги отфрлаат американските обвинувања за наводно тргување со оружје меѓу двете земји.
Претходно месецов портпаролот на американскиот Стејт департмент на брифинг со новинарите изјави дека Русија „можеби е во процес на набавка милиони ракети и артилериски гранати“ од Северна Кореја, што би прекршило повеќе резолуции на Советот за безбедност при Обединетите нации и санкциите наметнати на Пјонгјанг.
Како одговор на ваквите шпекулации од Вашингтон, висок севернокорејски воен функционер, во една од многу ретките такви пројави, излезе со изјава за медиумите.
„Никогаш претходно не сме извезувале оружје или муниција во Русија и не планираме да извезуваме“, изјавил заменикот на генералниот секретар на Генералното биро за опрема во севернокорејското Министерство за одбрана која ја англиски јазик ја објави севернокорејската државна агенција Korean Central News Agency (KCNA). Притоа агенцијата не го наведува името на функционерот.
„Ги осудуваме САД поради непромисленото ширење шпекулации против Демократска Народна Република Кореја за остварување на сопствените основни политички и воени цели“, додал севернокорејскиот воен функционер.
Сепак, тој во цитираната изјава го брани правото на Северна Кореја да развива оружје и да го извезува, целејќи на резолуциите на Советот за безбедност при ОН.
„Не само развојот, производството, поседувањето воена опрема, туку и нивниот извоз и увоз се легитимно законско право на секоја суверена земја. Никогаш нема да ја признаеме незаконската ‘резолуцијата за санкции’ на Советот за безбедност при ОН против ДНРК (Северна Кореја), која беше подготвена од САД и ним вазалски подредените сили“, заклучил севернокорејскиот функционер.
Претходно во август весникот The Washington Post објави напис во кој се тврдеше дека Иран ѝ испорачува на Русија беспилотни летала, а подоцна такви мислења изнесоа и официјални претставници на администрацијата во Вашингтон, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги нарече таквите написи „расфрлање“.
Потоа во септември весникот The New York Times, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, објави дека Русија наводно купила од Северна Кореја артилериски проектили и ракети со кус дострел. Но весникот истовремено се огради наведувајќи дека не таквите информации не може самостојно да ги потврди од независни извори.
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја побара од САД и Велика Британија да изложат докази на состанокот на Советот за безбедност на светската организација за наодите дека Москва купува оружје од Иран и Северна Кореја, а не да се повикуваат на медиумски наводи.