Северна Кореја продолжува со тестирањето проектили

(AP Photo/Lee Jin-man)

Северна Кореја истрелала најмалку два неидентификувани проектила во четвртокот во областа околу Вонсан на својот источен брег, пренесува службената јужнокорејска новинска агенција Yonhap цитирајќи го Здружениот штаб на јужнокорејската армија.

Според изврштајот на јужнокорејската војска, лансирањата биле регистрирани во областа на севернокорејскиот град Вонсан во насока на Јапонскот Море во 5,34 часот и во 5,57 часот по локално време во четвртокот, или во 23,34 и 23,57 часот по македонско време во средата.

Според досега достапните информации проектилите прелетале околу 430 километри. Здружениот штаб на началниците на јужнокорејската војска објави дека „ја следат ситуацијата“ и оти единиците остануваат оперативни.

Агенцијата France-Presse (AFP), повикувајќи се на неколку американски официјални претставници, пренесува дека најмалку во еден од двата слуачи станува збор за лансирање проектил со кус дострел.

Ова е првото пријавено лансирање проектили откако американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун се сретнаа во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи кон крајот на јуни.

Последното тестирање на проектили во Северна Кореја се случи на 9-ти мај, кога беа лансирани ракети со кус дострел, како и помали проектили, од областа на селото Синори во покраината Пјонгјанг-Пукто. Ким тогаш лично го надгледуваше тестирањето на претходно непровереното оружје – релативно мала брза ракета, за која стручњаците веруваат дека е полесно да се сокрие, да се лансира и да се маневрира со неа во текот на летот.

Севернокорејската државна новинска агенција KCNA во вторникот извести дека Ким бил во инспекција на голема новоизградена подморница придружуван од шефот на ракетната програма. Експертите во западните медиуми изразија сомневање дека со тоа можеби го сигнализирал продолжувањето на развојот на програмата за балистички проектили.