Северна Кореја се закани со лансирање на нуклеарен напад „во срцето на Америка“, доколку Вашингтон се обиде да ја собори сегашната власт во Пјонгјанг, пренесува во средата јужнокорејската новинска агенција Yonhap повикувајќи се на вест која ја објави севернокорејската агенција KCNA.
„Доколку САД се осмелат да покажат и најмал знак за обид за тргнување на нашиот врховен водач, ќе изведеме немилосрден напад во срцето на САД со наш силен нуклеарен удар, кој со текот на времето зајакна“, изјавила портпаролката на министерството за надворешни работ на Северна Кореја, пренела службената агенција KCNA.
Во веста се наведува дека тоа е одговор на забелешките на главниот човек на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Мајк Помпео, кој минатата седмица на еден собир алудираше на соборување на севернокорејскиот комунистички режим. Помпео тогаш изјави дека најважното е што САД можат да го направат е „да се одвои нуклеарниот капацитет од оној кој би може да има намера да го употреби“.
KCNA ја цитирала изјавата на министерот за надворешни работи кој оценил дека Помпео во својот настап „ја мина границата и јасно покажал дека цел на администрацијата на Трамо е соборување на власта“.
Нуклеарните тестирања кои Северна Кореја ги изведе од почетокот на годинава ги засилија тензиите во регионот и на Корејскиот полуостров. Последниот тест беше изведен на 4 јули, кога беше лансиран интерконтинентален балистички проектил, со којшто, според процените на аналитичарите во САД, Северна Кореја се приближила до можноста да лансира ракета со којашто би можела да достигне цел на американска територија. Русија и Кина, пак, тврдат дека режимот во Пјонгјанг не поседува сѐ уште ваков тип проектили.