Шаќири домаќин на меѓународна конференција за високо образование: Со размена на искуства забрзано се интегрираме во глобалниот образовен простор

Република Северна Македонија е домаќин на министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која МОН ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа – ERI SEE.

Во следните два дена во Скопје, министрите за образование и наука на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, заменик министерот за образование на Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот, а воедно и експерти од Европската унија, ќе дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата која треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја отвори конференцијата и изрази очекувања дека ќе бидат разменети позитивни искуства и ќе се усвојат заклучоци кои ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.

„Верувам ќе се согласите, додаде тој, дека не е прашање дали треба да се интервенира во високото образование, туку каква акција ни е потребна и таа да започне час поскоро, особено во земјите во развој, како категорија во која повеќето од нас припаѓаме. Затоа што образованието, вклучително и високото, е жива материја која постојано се менува. Зависи од бројни општествени и глобални фактори, трендови и движења и ние мораме системите да ги прилагодуваме на промените кои се случуваат во сите други сфери и сегменти“, рече Шаќири.

 

Додаде дека на државата и е потребна поддршка не само од овдешните институции, академската и научна заедница, туку и искуствата на околните земји и на Европската унија, особено во делот на грижата кон студентите, поддршката на научните и високообразовните установи за обезбедување на нова лабораториска опрема, финансирањето на научни проекти од јавен интерес и дигитализацијата.