Портпаролот на Државната изборна комисија (ДИК) Адмир Шабани изјави дека досега Комисијата обучила 85 едукатори, кои по распишување на изборите треба да ги обучат околу 28.000 членови на избирачките одбори кои ќе ги спроведат предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април. Шабани потенцира дека граѓаните преку веб-страната и во подрачните единици и одделенија на ДИК можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список или дали нивните податоци се точни и да поднесат нови документи доколку има некаков проблем.
-За разлика од минатите изборни процеси ние почнавме со еден нов пристап на процесот на едукација за изборите во 2019 година кога регрутиравме надворешни лица. Во текот на минатата недела беа обучени 33 лица, односно веќе сертифицирани обучувачи на ДИК и сега вкупно во таа база на обучувачи имаме 85 лица кои се сертифицирани и тие ќе ја спроведат обуката на терен на избирачките одбори. Таргет група ни се претседателите, замениците претседатели, членовите и замениците членови кои се избрани по случаен избор од јавната и државната администрација некаде околу 28.000 лица. Планираме после распишување на изборите веднаш да почнеме со процесот на едукација, а тој процес би трае до почетокот на април, изјави Шабани.
Портпаролот на ДИК вели дека по донесувањето на измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како што е најавено, доколку е потребно ќе има дополнителни обуки за едукаторите.
-Апсолутно да. Во зависност од тоа на што ќе се однесуваат измените, така и ќе ги обучиме нашите тимови за спроведување на едукацијата. Модулите за едукација ги правиме врз основа на законските решенија. Доколку се случат одредени измени на Изборниот законик кои директно би влијаеле на модулите, тие ќе се прилагодат и се разбира дека за обучувачите ќе следат дополнителни обуки за тој дел, рече Шабани.
Засега се појавуваат граѓани кои си ги проверуваат податоците во Избирачкиот список, вели портпаролот на ДИК, но не може да каже бројка. Сепак, граѓаните не би требало да го чекаат увидот во Избирачкиот список за изборите туку податоците можат да си ги проверат и сега.
-Апликацијата која овозможува проверка на податоците во Избирачкиот список е постојано активна. За сите граѓани кои имаат интерес пристапот е отворен и слободен. Меѓутоа не е само таа опција туку граѓаните можат да се обратат до подрачните одделенија на ДИК и да побараат да ги проверат своите податоци и да поднесат соодветни документи доколку воочат дека одредени податоци треба да се сменат во Избирачкиот список. Не можеме да кажеме бројка, но секојдневно се појавуваат граѓани, и тоа сега кога се актуелизираат изборите туку во континутет бидејќи нашите канцеларии се отворени и во секој момент секој граѓанин може да се провери, рече Шабани.
Од вчера до ДИК нема нови дописи од техничките министри и заменици министри, а членовите на ДИК на седница се изјаснија за ненадлежни по последните три дописи од Министерството за труд и социјална политика.