Италијанските медиуми во понеделникот објавија дека Ферари и 26-годишниот возач од Монако, Шарл Леклер го продолжиле договорот кој сега е со важност до 2029 година.
Во Ферари се задоволни од настапот и резултатите на Леклер, поради што го обновија договорот кој досега траеше до крајот на 2024 година. Исто така, Леклер досега заработуваше 25 милиони евра годишно, а според новиот договор ќе добие двојно подобри услови.
Во неодамна завршената сезона Леклер на Светското првенство во класата Формула 1 освои 206 бода, колку што имаше и Фернандо Алонсо и беа на делба на четвртото и петтото место по редослед. Макс Верстапен повторно стана светски шампион со дури 575 бодови.
Актуелниот договор на уште еден возач на Ферари, Шпанецот Карлос Саинц, исто така важи до крајот на 2024 година, но челниците на престижниот Формула 1 тим сѐ уште размислуваат дали да го обноват и неговиот договор. Саинц ја заврши сезоната на седмото место, а наводно постои опција да го доведаат Британецот Ландо Норис, според La Gazzetta dello Sport.