Шефицата на белгиската дипломатија на интензивно лекување по заразата со Covid-19

Белгиската министерка за надворешни работи, Софи Вилмес, во четвртокот е примена на интезивно лекување од Covid-19, откако викендов беше позитивен нејзиниот тест на новиот коронавирус SARS-CoV-2.

Премиерот Александер Де Кро веднаш реагираше на социјалните мрежи ѝ посака на Софи Вилмес брзо закрепнување.

„Никој не е имун на овој опасен вирус. Заедно, ќе го победиме Covid-19“, напиша Де Кро на Twitter.

Вилмес, која беше белгиска премиерка до крајот на септември, најави во саботата дека е позитивно тестирана на коронавирусот. Според медиумите, таа е во свесна и стабилна состојба.

Вилмес не е првата белгиска политичарка која се зарази со новиот коронавирус. Неодамна позитивни на тестовите беа и политичарите Руди Вервоорт и Свен Гатц.

Белгија е една од најпогодените европски земји во пандемијата на коронавирусот. Неодамна забележа рекордни 12.000 заразени во еден ден. Земјата со 11,5 милиони жители досега пријави 253.386 случаи на заразата, и 10.539 смртни исходи.