Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) сега е уверен дека светската економија ќе ја избегне рецесијата, и покрај големиот пораст на трошоците за задолжување, рече извршната директорка Кристалина Георгиева, додавајќи дека очекува пониски каматни стапки од средината на годината.
„Убедени сме дека светската економија поминува низ фаза на ‘меко приземјување’, како што посакувавме, по циклусот на силни зголемувања на каматните стапки, неспоредливи веќе неколку децении“, рече Георгиева на Самитот на светските влади во Дубаи.
Централните банки обично ја ограничуваат инфлацијата со зголемување на каматните стапки, во исто време внимавајќи да се осигурат дека закочената побарувачка не ја турка економијата во рецесија, која се дефинира како „меко приземјување“.
Европската централна банка (ECB) ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени, а економијата се движи на работ на рецесија. Американската централна банка (Federal Reserve – Fed), исто така, ги зголеми каматните стапки и економијата падна во плитка рецесија во првата половина на 2022 година, со пад на активноста од 0,1 отсто на квартална основа, две тримесечја со ред. Од втората половина на 2022 година растат со темпо од 0,3 до 0,6 отсто.
Шефицата на ММФ очекува од средината на годината каматните стапки во водечките економии да започнат по надолна траекторија, следејќи го трендот на инфлацијата.
Георгиева, сепак, предупреди дека не се исклучуваат изненадувања, посочувајќи дека продолжената војна меѓу Израел и палестински Хамас ќе има негативно влијание врз економската активност.
„Најмногу се плашам од долгорочен конфликт бидејќи значително би го зголемил ризикот од ширење на негативни последици“, истакна челничката на ММФ.
„Во моментов постои опасност кризата да се прошири надвор од Суецкиот канал“, рече таа, мислејќи на кризата во Црвеното Море. „Но, доколку се појават други непланирани последици, како што е ширењето на конфликтот во неочекуван правец, светот во целина може да се соочи со многу поголеми проблеми“, предупреди Георгиева.