Шест пожари на отворено избувнаа во Струмичко за три дена и во нив изгоре површина од десетина хектари со сува трева, грмушки и дрвја и еден напуштен објект.
Струмичките пожарникари вчера гаснеле пожари на три различни локации, а најголем бил тој во атарот на село Колешино каде горела сува трева, грмушки и дрвја на површина од околу 3 хектари.
Во атарот на село Едрениково гореле млади борови садници и сува трева, а во село Мокрино пожарникарите гаснеле сува трева и нискостеблеста шума.
Во гаснењето на овие пожари учествувале седум противпожарни возила и 25 пожарникари.
Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, причината за толку голем број пожари на отворено е невниманието на граѓаните, но за него загрижувачки се и пожарите на депониите – и на легалните и на дивите.
-Секако, свое влијание има сушниот период, но како и секогаш најголем виновник за појавата на пожарите на отворено се граѓаните кои не внимаваат каде и што палат и, секако, несовесниот однос при одлагањето на отпадот на депониите. Апелираме до сите да бидат крајно внимателни, бидејќи овие пожари на отворено бргу се шират и зафаќаат големи површини, рече Гудев.
Пред три дена избувнаа пожари на отворено на три локации во Струмичко во кои изгореа сува трева, грмушки и нискостеблеста шума, а покрај патот за селото Просениково во опасност беа и повеќе викендички.