Шеста титула за Ѓоковиќ во АТП Финалето – „Цела година бев на игли“

Novak Djokovic of serbia in action against Casper Ruud of Norway during the Nitto ATP Finals 2022 tennis tournament at the Pala Alpitour arena in Turin, Italy, 20 November 2022.ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по шести пат во кариерата е победник на АТП Финалето, завршниот турнир на осумте најдобри тенисери во светот кој оваа година се играше во италијански Торино, откако во неделата во финалето го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 7-5 и 6-3.

„Во некои делови од финалето бев многу нервозен, но исклучително сум среќен кога сето тоа вака заврши“, изјави Ѓоковиќ по победата над Руд и освојувањето на АТП Финалето.

За Ѓоковиќ ова е шестата титула на „мастерсот“, а прва по 2015 година. Со овој триумф се израмни со Швајцарецот Роџер Федерер на првото место според бројот титули на овој престижен турнир.

„Многу сум задоволен како севкупно го играв овој финален меч, иако имаше моменти кога во себеси вриев од нервоза. Бидејќи во тенисот многу лесно се променува моментумот и сѐ може да се пресели на другата страна“, додаде Ѓоковиќ.

Вкупно ова е 91-от турнир што го освои Ѓоковиќ во кариерата до кој стаса во 130-то финале.

Покрај тоа, 35-годишниот Ѓоковиќ стана убедливо најстариот победни во 52-годишната историја на „мастерсот“, досегашниот рекордер беше Федерер кој својата последна титула ја освои во 2011 година на возраст од 30 години.

На прес-конференција по финалето, Ѓоковиќ ја коментираше годината во којашто освои вкупно пет титули, а покрај АТП Финалето се истакнува и трофејот во Вимблдон.

„Илјада пати реков дека ова беше многу чудна сезона за мене и преубаво е што заврши на ваков начин. Поубаво не можеше да заврши. Исто така, чувствувам големо олеснување по сѐ, одвај ги чекам неколкуте седмици одмор. Целата оваа година може да биде опишана како да бев на игли. Чекав каде може да настапам и да игра, каде не ми дозволуваат и тоа влијаеше на мојата смиреност и ја зголемуваше нервозата. Но ваквиот крај сѐ разубави“, изјави Ѓоковиќ.