Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави дека ќе го застапува градот пред Основниот кривичен суд во процесот за уривање на галијата во реката Вардар.
Судот закажа ново рочиште на 7 јули кога треба да постапи по одлуката на Апелацикиот суд со која се укинува неговата одлука за запирање на уривањето по жалба на управителот на галијата Жарко Миленковски.
– За оние кои не знаат, согласно Законот, законски застапник на институцијата е градоначалникот и јас имам право да го застапувам овој град во секоја постапка. Одлуката на Апелациониот суд во Скопје е да ја укине времената мерка на Основниот суд и ние заради тоа продолживме со извршните дејствија, а Основниот суд во Скопје закажа рочиште на 7 јули на коешто јас кажав дека ќе го застапувам Град Скопје – изјави Шилегов по промоцијата на специјалните возила-камиони за собирање и транспорт на комунален отпад.
Шилегов тврди дека сопственикот на галијата со месеци не плаќал кирија со што создал можност за раскинување на договорот.
– Одлуката за уривање на галијата во Вардар се носи по основ на извршната клаузула во договорот што го има постигнато Градот Скопје со корисникот на просторот. Ние минатата недела продолживме со извршното дејствие со надлежниот извршител ангажиран од страна на градот – информира Шилегов.
Денеска од галијата која е затворена се изнесува инвентарот.