Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за животна средина, Насер Нуредини и новиот директот на „Дрисла“, Коста Начевски, денеска ги отворија вратите на депонијата за медиумите. Соопштено беше дека по налог на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во „Дрисла“ се врши внатрешна ревизија.
– Наидуваме на некои чудни работи. Луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени и им биле исплаќани плати. Работиме на тоа да ја оспособиме машинеријата, за да не изнајмуваме машини, нешто што било практика во минатото. Во соработка со новиот директор, Коста Начевски во преговори сме за набавка на нов стабилизатор, моите очекувања се дека тој би можел да биде пуштен во употреба во март годинава. Сакаме да најдеме начин и гасовите од депонијата да ги претвориме во електрична енергија. Мојата идеја е заедно со министерот, со инвестиции во овој дел и со пречистителната станица за отпадни води, „Дрисла“ да стане првата санитарна депонија во нашиот град – рече Шилегов.