Шкотските гласачи се поделени околу тоа дали треба или не во октомври 2023 година да се одржи вториот референдум за независност на Шкотска од Обединетото Кралство, според истражувањето на јавното мнение спроведено од Panelbase за весникот The Sunday Times.
Анкетата покажала дека 44 отсто од испитаниците изразиле противење на одржување нов референдум за самостојност, додека 43 отсто биле за спроведување на плебисцитот.
Испитувањето било спроведено на примерок од 1.010 избирачи, а покажало, исто така, дека еден од десет испитаници ниту го поддржува, ниту се противи на одржувањето на референдумот, додека 3 отсто не умееле да одговорат.
Шкотската премиерка Никола Старџен претходно седмицава изјави дека шкотскиот парламент ќе донесе мерка за организирање референдум за независност од Обединетото Кралство со планиран датум 19-ти октомври 2023 година.
Околу 48 отсто од испитаниците во анкетата потврдиле дека би ги поддржале настојувањето на Шкотска за самостојност, но и 47 отсто одговориле дека би го поддржале останувањето на земјата во составот на Велика Британија. Преостанатите 5 проценти се нерешителни или не знаат сега на која страна ќе отиде нивниот глас.
Досега британската влада во Лондон одбиваше да ја даде својата согласност за одржување на вториот шкотски референдум за независност, сметајќи дека оно одржаниот во 2014 година е настан кој се случува „еднаш во генерацијата“.
Меѓутоа, премиерката Старџен изјави дека ќе се обрати пред Врховниот суд на Обединетото Кралство за да ја утврди законитоста на одржувањето нов референдум без потреба тоа да го одобри Вестминстер. Доколку и тоа биде одбиено, шкотската влада објави дека следните општи избори во Вестминстер ќе бидат „дефакто референдум“ за иднината на Шкотска во рамките на Кралството.
Повеќето од испитаниците веруваат дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе продолжи да ја отфрла идејата за референдум. Половината од анкетираните, пак, сметаат дека тој би требало да го дозволи одржувањето на референдумот.
Исто така, половина од испитаниците веруваат дека британскиот Врховен суд ќе пресуди дека Холируд нема овластувања легално да одржи референдум без согласност на британската влада, додека третина сметаат дека судот ќе пресуди во полза на шкотската влада.
Доколку референдумот не биде одржан следната година, владејачката Шкотска национална партија (SNP) ќе се кандидира на изборите за Вестминстер, кои траба да се одржат во 2024 година, а истражувањето сугерира дека партијата на Старџен би освоила 47 отсто од гласовите.
Во септември 2014 година, на тогашниот референдум, 55 отсто од Шкотланѓаните се изјаснија за останување во Обединетото Кралство, најмногу од економскиот интерес на земјата, додека 45 отсто беа за отцепување. Кампањата и самиот чин на гласање, како и резултати минаа со низа контроверзии и обвинувања за притисоци.