Шкупи го доби дербито со Шкендија во ПМФЛ

Foto:facebook.com/fcshkendija

Во големото дерби на 17-то коло кое се играше во Чаир, Шкупи успеа да слави тешка, но слатка победа над Шкендија.

„Сино-белите“ имаа повеќе нерви во рововската битка која се водеше во Скопје, а како клучен момент се покажа оној во 37-та минута кога Трапановски постигна одличен гол по еден пробив од левата страна.

Погодокот од првиот дел се покажа како одлучувачки на тврдиот меч во кој се водеше голема борба на средината на теренот, а со овие три бода Шкупи отиде на 35 како осамен на првото место.

Второпласирана од денеска е Струга која мораше да се изнамачи за да освои три бода, или поточно направи супер пресврт во Кавадарци откако губеше со 2:0.

Актуелниот шампион успеа да се врати и со три гола ја однесе победата, пред се благодарение на Радески кој постигна два гола, како и на Георгиевски кој постигна еврогол за 2:3.

Гоце Седлоски денеска ја запиша првата победа како тренер на Работнички, бидејќи неговите „романтичари“ беа подобри од Брера Струмица со 1:0. На останатите два терени кадешто се играше фудбал, Брегалница и Воска ремизираа 2:2, а Силекс и Гостивар одиграа 1:1.