Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот во текот на посетата на Чиле повторно ја отфрли идејата за испораки на борбени авиони во Украина и изрази желба на таквата дискусија да ѝ се стави крај.
„Чудно е што оваа расправа воопшто се води. Мораме да се запрашаме дали тука станува збор за внатрешнополитички мотиви или за помош на Украина“, рече Шолц.
Германскиот канцелар во текот на својата посета на Лиле појасни дека веднаш по почетокот на руската инвазија во Украина во разговорот со американскиот претседател Џо Бајден ја исклучил можноста за испраќање борбени авиони.
„Тогаш беа отфрлени и неразумните размислувања како за испраќањето на единици. И мислам дека на таа тема веќе сѐ е кажано, исто така и што се однесува до мене“, рече Шолц.
Саскиа Есен, претседателката на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) од која доаѓа и канцеларот Олаф Шолц, претходно во едно интервју од деновиве категорично не ја отфрли можноста Берлин, по одлуката за испорака на напредните офанзивни тенкови „Leopard 2“ на Украина да ѝ се предадат и борбени авиони
Шолц, во интервју пред почетокот на својата турнеја во Латинска Америка, оцени дека во моментов владее „трка“ во дискусија за тоа кое оружје треба да ѝ се испорача на Украина, поради стравувањата од одговорот на Русија во смисла на ескалација на војната.
Официјален Киев, по минатонеделното попуштање на Германија под притисокот и согласноста да ѝ ги испорача тенковите „Leopard 2“ на Украина, од западните поддржувачи бара и друго напредно вооружување, меѓу другото напредни борбени авиони од четвртата и петтата генерација и проектили со долг дострел за напади врз црноморскиот полуостров Крим но и за цели длабоко на територијата на Русија.
Шолц во повеќе наврати истакна дека „по секоја цена“ мора да се спречи вовлекувањето на земја членка на НАТО во војна со Русија, откако Москва така може да го оцени предавањето оружје кое во дострел ќе цели на руска територија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги повтори предупредувањата дека натамошното испраќање на напредно западно оружје за Украина само ќе доведе до натамошна ескалација на судирот од што ќе страда и оружјето ќе го плаќа украинскиот народ.
Песков, исто така, предупредени дека земји членки на НАТО стануваат сѐ повеќе директно вмешани во војната, но дека нивното испраќање оружје на Украина може да го пролонгира но не и да ги промени текот на војната.