Шолц: Најавата за делумна мобилизација е знак дека рускиот напад е неуспешен

Германските политичари во средата со загриженост ја коментираат најавата на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација, а германскиот канцелар Олаф Шолц во првите реакции истакнува дека таа мобилизација била наводно знак дека нападот на Русија на Украина е неуспешен.

Русија под контрола има речиси 20 отсто од украинската територија, речиси колку површината на Унгарија, и објавата за мобилизација доаѓа ден откако претставниците на одметнатото доминантно руско и рускојазично население во регионот Доњецк, Луганск, Херсон и делумно Запорожје, одметнати по превратот во Киев во 2014 година, најавија одржување референдуми за присоединување кон Русија.

Делумната мобилизација се однесува на оние кои го отслужиле воениот рок и кои ќе добија дополнителна обука, а не ги опфаќа сегашните регрути во војската и студентите. Станува збор за 300.000 воени обврзници, или околу 1 отсто од 25-те милиони резервен состав на војската. Москва, исто така, објави дека нема да ги затвора границите поради мобилизацијата.

„Овој потег единствено може да се протолкува како реакција на тоа дека рускиот напад врз Украина не се одвива како што очекува Москва“, тврдел германскиот канцелар Олаф Шолц, според изјавата на еден од неговите портпароли на брифинг со новинарите.

Во писмената изјава на Шолц, кој во моментов се наоѓа во Њујорк на Генералното собрание на ОН, се тврди дека „Русија е присилена да ги прегрупира своите сили во окупираните подрачја на североистокот, што е доказ за успехот на Украина“.

„Ова е јасен показател дека Украина е успешна кога е во прашање одбраната на сопствениот интегритет и суверенитет, и тоа, меѓу другото, и поради огромната помош на многуте земји, особено од Германија“, пишува Шолц.

За плановите за одржување референдуми следните денови во четирите региони за приклучување на Руската Федерација, портпаролот на Шолц рекол дека тие „срамни референдуми“ никогаш нема да бидат признаени.

Вицеканцеларот Роберт Хабек, од Зелените, тврди дека рускиот претседател Владимир Путин оди во насока на ескалација.

„Станува збор за натамошна ескалација на напаѓачката војна на Русија против Украина. Ова е лош потег кој најостро го осудуваме“, рече Хабек кој воедно е и министер за економија.

Најави дека германската влада ќе расправа за новонастаната ситуација и евентуалните мерки.

Претседателката на одбранбената комисија на Бундестагот и членка на владејачката Либерално-демократска партија (FDP), Мари-Ањес Штрак-Цимерман изјави дека „не смее да се дозволи“ најавата на Путин да ја „прошири нервозата“.

Портпаролот на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU) за надворешнополитички прашања, Норберт Ретген, смета дека во случајот на најавата на Путин станува збор за „чист акционизам“.

„Путин едноставно мораше нешто да најави за да остави впечаток дека работите ги држи под контрола“, оценува Ретген во објавата на Twitter.

Германскиот канцелар Олаф Шолц последните денови е под сѐ поголем притисок на Украина да ѝ испорача германски тенкови, што досега владата го одбиваше. Неодамна министерството за одбрана соопшти дека поради помошта на Киев резервите на германската војска се испразнети, а медиумите уште од поодамна објавуваат дека поради долгата неупотреба многу борбени средства на Будесверот, како тенкови, оклопни возила и летала мора да бидат ремонтирани.