Германскиот канцелар Олаф Шолц во четврток е цел на критики од неговите конзервативни политички ривали кои, спротивно на неговите најави за јануари, сакаат да се гласа за доверба на владата на Шолц веќе следната седмица за да се забрза одржувањето на предвремените избори по распадот на владината коалиција ден претходно.
Коалицијата меѓу Социјалдемократите (SPD), Зелените (Bündnis 90/Die Grünen)и Слободните демократи (FDP) на канцеларот Олаф Шолц „пропадна“, посочи челникот на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU), Фридрих Мерц, и рече дека нема причина да се чека јануари за гласање за доверба.
Колапсот на владата доаѓа во најлош можен момент за Германија, која се бори со сериозна индустриска криза, но и за Европа, која е загрижена за последиците по нејзината трговија и безбедност по изборот на републиканецот Доналд Трамп за претседател на САД.
„Едноставно не можеме да си дозволиме неколку месеци да имаме малцинска влада“, инсистира Мерц.
Потресот што го предизвика колапсот на трипартиската коалиција, која е на власт во Берлин од крајот на 2021 година, не го наруши значително распоредот на Олаф Шолц, кој денеска ќе отпатува во Будимпешта за да се сретне со своите европски колеги и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Разликите за буџетот
Тространи германски т.н „Семафор“ се распадна во средата вечерта по разрешувањето на министерот за финансии и лидерот на либералите, Кристијан Линднер. Него ќе го замени еден од блиските советници на Олаф Шолц, Јерг Кукиес, 56-годишен експерт за економски прашања.
Сите либерали ја напуштија владата освен министерот за транспорт Фолкер Висинг, кој најави дека останува во владиниот тим и ја напушта својата партија, со којашто не се согласова.
Причината за расколот се длабоките разлики меѓу двата табора во однос на буџетот и економската политика што ќе ја водат, при што првите се залагаат за заживување на потклекнатата национална економија преку потрошувачката, додека либералите се залагаат за социјални кастрења и строга буџетска дисциплина.
Додека SPD и Зелените се за поголем буџет кој ќе вклучува и помош за погодоната автомобилска индустрија, Линднер и FDP инсистираат на мерки за штедење.
„Потребна ни е влада која е способна да дејствува и која има сила да ги донесе неопходните одлуки за нашата земја“, тврди социјалдемократскиот канцелар.
Дополнително, Шолц оцени дека повеќе нема „доволна доверба за продолжување на соработката“ и одлучи да го разреши министерот за финансии.
Канцеларот сега води малцинска влада и се надева дека ќе донесе неколку нацрт-закони кои се сметаат за приоритетни, барајќи мнозинство од случај до случај.
Гласање за доверба
Што се однесува до буџетот за 2025 година, чија подготовка е основата на актуелната криза, сè останува неизвесно. Доколку парламентот не го усвои, од јануари може да се применува минимална и намалена верзија.
Во средата, при разрешувањето на министерот, канцеларот најави дека сака да се гласа за доверба на неговата влада во јануари, со што ќе се отвори пат за предвремени избори, со оглед на малите шанси за добивање доверба. Во тој случај, изборите, првично закажани за септември 2025 година, би можеле да се одржат „најдоцна на крајот на март“.
Олаф Шолц и Кристијан Линднер јавно ги изразија своите меѓусебни незадоволства. Кристијан Линднер „премногу често ја предаваше мојата доверба“, се пожали Олаф Шолц, осудувајќи го неговото „себично“ однесување.
Поранешниот министер за финансии го обвини канцеларо дека ја внесува земјата „во фаза на неизвесност со пресметаниот колапс на оваа коалиција“.
„Разводот“ беше финализиран по последниот ден од разговорите кои се обидоа да ја спасат владата што Шолц ја предводи од крајот на 2021 година.
Во сенката на Трамп
Распадот на коалициите е многу редок во Германија, но владиниот тим со месеци е поткопан поради несогласувањата околу економијата и имиграцијата, како и личните расправии.
„За среќа, готово e“, беше насловот на четврточниот магазин Spiegel, кој го сумираше општиот впечаток. „Консталаијата составена од SPD, Die Grünen и FDP нема иднина на сојузно ниво. Не по веројатните нови избори на пролет, но не и во догледна иднина“, оценува весникот.
Олаф Шолц се надеваше дека изборот на Доналд Трамп, љубител на протекционизмот и дипломатските конфликти, ќе ја принуди неговата коалиција да ги зближи редовите. Но, се случи токму спротивното.
Доколку изборите се одржат утре, според анкетите, конзервативната опозиција би излегла на врвот со повеќе од 30 отсто од гласовите, а нејзиниот лидер Фридрих Мерц би бил фаворит за канцелар. Но, и тој би имал потешкотии да формира мнозинска коалиција, заедно со крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која демне на второто место во анкетите.