Германскиот канцелар Олаф Шолц силно во вторникот во Стразбур се зазема за проширување и создавање геополитичка Европска унија „свртена кон иднината“.
„Европската унија мора да се промени. Потребна нѝ е геополитичка Европска унија, проширена и реформирана и свртена кон иднината“, рече Шолц во својот говорот пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.
Рече дека е важна одлуката во обликувањето на геополитичката Европа донесена минатата година со доделувањето на кандидатскиот статус на неколку земји, а со некои се отворени пристапните преговори.
„Ние на граѓаните на државите на западен Балкан, Украина, Молдавија и во перспектива на Грузија им рековме: вие ни припаѓате нам, сакаме да станете дел од нашата Европска унија“, рече Шолц.
Додаде дека притоа не станува збор за алтруизам, туку дека за тоа постојат економски причини и дека се работи за веродостојноста на Европската унија.
Германскиот канцелар истакна и дека станува збор и за мирот во Европа по пресвртницата којашто ја претставува руската инвазија во Украина. Рече дека чесната политика на проширувањето значи исполнување на ветувањата кои се дадени, во прв ред, на земјите од западен Балкан, на коишто европската перспектива им е ветена пред 20 години.
„За успехот на политиката на проширување потребна е нормализација на односите меѓу Србија и Косово и продолжување на спроведување на реформите во земјите кандидатки“, рече Шолц.
Германскиот канцелар во говорот го заговараше мултиполарниот поредок во кој Европа ќе биде „добро место за живот, рамноправна со другите региони и земји во светот“.
Смета дека Европа има „глобална одговорност“ и дека нејзината благосостојба не може да се одвои од ситуацијата во остатокот од светот.
Шолц во тој контекст рече и дека треба да ја јакне европската одбранбена индустрија, соработката во областа на воздушната одбрана, спроведувањето на Стратешкиот компас, потесната соработка меѓу ЕУ и НАТО. Се зазема, притоа, за јакнење на трансатлантскиот сојуз на партнерски основи.
„Колку повеќе ние вложуваме во нашата безбедност и одбраната, цивилната отпорност, технолошката сувереност, сигурните синџири за снабдување во нашата независност во поглед на критичните суровини, толку ќе бидеме подобри сојузници за нашите трансантлантски пријатели“, рече Шолц.
Германскиот канцелар во обраќањето пред европратениците се заложи и за продолжување на поддршката на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија и помошта на Европската унија за повоената обнова на земјата.
Кога станува збор за односите со Кина, којашто ЕУ ја дефинира како партнер и системски ривал, Шолц рече дека го поддржува пристапот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајан, која рече дека е потребно да се намали ризикот од зависност од Кина, а не одвојување од Кина.
Шолц се зазема за партнерски односи до земјите од ткн „глобален југ“, велејќи дека нивните грижи и легитимни интереси, нивната нагласена наклонетост кон Кина и Русија, треба сериозно да се земат предвид.
„Затоа е важно Европа да покаже солидарност и да помогне во борбата против сиромаштијата, за безбедноста на храната и да го одржи ветувањата која ги даде во поглед на заштитата на климата“, рече Шолц.
Рече дека е потребно да се склучат договорите за слободна трговија со земјите од Јужна Америка, со Мексико, Индија, Индонезија, Австралија, Кенија и во перспектива со многу други држави.
„Има многу смисла брзо да се склучат нови договори за слободна трговија со Меркосур (трговска асоцијација на латиноамериканските земји), Мексико, Индија, Индонезија, Австралија, Кенија и, долгорочно гледано, со многу други земји“, рече Шолц.
„Европа мора да се сврти кон светот. Доколку продолжиме со неплодните преговори за новите договори за слободна трговија во годините кои надоаѓаат, други ќе ги диктираат правилата – со пониски еколошки и општествени стандарди“, тврдеше германскиот канцелар.