Шолц предупредува на протекционизам по американските царини за Кина

Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди да не се изолира германската економија од потенцијалните странски пазари, во контекстот на дискусијата за казнените царини за кинеските производи.

„Протекционизмот на крајот само поскапува сè. Она што ни е потребно е фер и слободна глобална трговија“, рече тој во средата на конференцијата на Трговско-индустриската комора во Берлин.

Американската влада во вторникот објави дека ќе ги зголеми постојните царини за електричните автомобили и другите производи од Кина од 25 на 100 проценти. САД ја оправдаа својата одлука со тоа што Пекинг ја нарушува пазарната конкуренција со значителни државни субвенции.

Шолц на конференцијата истакна дека слободната глобална трговија е особено важна за германската економија, која се соочува со невидени предизвици за што ја обвини инвазијаа на Русија во Украина.

Федерацијата на германските индустријалци (BDI) предупреди на можното влијание на зголемувањето на американските царини на германскиот пазар. Членот на управниот одбор на асоцијацијата Волфганг Нидермарк на конференцијата тврдеше дека „Германија и ЕУ сега треба да бидат внимателни за да обезбедат внатрешниот пазар на ЕУ да не стане тампон за кинескиот прекумерен капацитет“.

Но, според симулацијата на Институт за светска економија (IfW) во Кил објавена во средата, повисоките американски царини ќе имаат само мало влијание врз трговијата меѓу ЕУ и Кина.