Една седмица по распадот на владејачката коалиција, германскиот канцелар Олаф Шолц во средата се обрати пред пратениците во Бундестагот и го правдаше својот потег како неизбежен чекор кој е неопходен за Германија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц пред една седвмица го разеши од должноста министерот за финансии поради спор околу буџетот и одбивањето на Линднер да преземе нови должности.
„На крајот, владата не дејствуваше во иста насока и затоа беше неминовно разрешувањето на министерот за финансии и покрај тоа што до крајот се обидов да најдам компромис“, изјави Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD), оправдувајќи го во вонредното обраќање до парламентот разрешувањето на министерот за финансии и претставникот на либерал-демократите од Слободните либерали (FDP), Кристијан Линднер, со што се отвори пат за предвремени избори.
Шолц рече дека повеќе не сака да им „приредува“ на граѓаните на Германија редовни јавни кавги меѓу членовите на коалицијата. Во исто време, тој укажа и на успесите што неговата влада на социјалдемократи, зелените и либералите ги постигна во три години опстојување.
„Јавните спорови никогаш повеќе не смеат да ги засенат достигнувањата на една влада“, рече Шолц.
Германскиот канцелар повика на единство во земјата, која, како што рече, се соочува со големи предизвици. Рече дека се надева оти Бундестагот, иако нема мнозинство, ќе прифати некои важни закони на неговата влада во заминување, меѓу кои и реформата на пензискиот систем.
Лидерот на CDU против „тактиката“ на Шолц
Претседателот на пратеничката група на демохристијаните, Фридрих Мерц од најсилната опозициска групација Христијанско-демократска унија (CDU), во текот на дискусијата што следеше по обраќањето на канцеларит во парламентот, рече дека однесувањето на Шолц ја дели земјата наместо да ја обединува.
„Вие внесувате раздор во Германија. Вие сте одговорни за таа поделба, не се води така владата“, рече Мерц и му забележа на Шолц што не го започнал процесот на верификација на довербата во Бундестагот веднаш по разрешувањето на министерот и губењето на мнозинството во парламентот, туку дека со „тактика“ се обидува да ги измами граѓаните.
„Ова што штотуку го кажавте пред германскиот парламент нема никаква врска со реалноста: очигледно не ја разбирате ситуацијата во земјата“, му се обрати Мерц.
Претседателот на CDU, кој е и демохристијански кандидат за иден канцелар, а со тоа и најверојатен претседател на идната влада, му забележа на Шолц и за тоа што се обидел да го постави прашањето за доверба на владата дури во јануари, со што датумот на нови избори би се поместил во март.
Сепак, во вторникот беше постигнат договор прашањето за доверба на Бундестагот да се постави кон средината на декември, кога ќе се гласа за доверба на владата на Шолц, а нови избори би се одржале на 23. февруари.
Зедер остро ја нападна AfD
На обраќањето на Шолц реагираше и потпретседателката на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел, која ја критикуваше работата на владата на Шолц, но истовремено остро ја нападна демохристијанската унија CDU/CSU обвинувајќи ја дека, поради политиките на поранешната канцеларка и челничка на CDU Ангела Меркел, сноси одговорност за проблемите со имигрантите во Германија.
Вајдел, исто така, го критикуваше одбивањето на CDU/CSU да соработува со AfD, особено во некои сојузни покраини каде демохристијаните коалицираа со социјалдемократите.
„Вашето одбивање да соработувате со AfD е погрешно и недемократско“, рече Вајдел и заклучи дека Фридрих Мерц не е погоден за канцеларската позиција.
Маркус Зедер, претседателот на сестринската партија на CDU, баварската Христијанско-социјалната унија (CSU), на почетокот на своето обраќање остро ја нападна AfD.
„Можеме да кажеме ова или она за владата на канцеларот Шолц, но тука се работи за демократските сили во општеството. Ова не важи за AfD: вие не сте патриоти. Вие симболизирате омраза и поттикнување и сте продолжена рака на (рускиот претседател Владимир) Путин во Германија“, рече Зедер обраќајќи им се на пратениците на AfD, иако и самиот до пред извесно време честопати ги проблематизираше антируските санкции поради војната во Украина.